Курти повторно побара од Грција да го признае Косово

од Nikola Popovski

За време на состанокот со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во Атина, косовскиот премиер Албин Курти побара Грција да го признае Косово и истакна дека Косово сака да воспостави односи со Грција како важен елемент за долгорочна регионална стабилност, соопшти косовската влада.

„Грција и Косово треба да ги зајакнат своите независни односи поради долгата заедничка историја, заедничката цел на мирот и безбедноста на Балканот и долгата заедничка иднина“, рече премиерот Курти.

Премиерот на Косово се заблагодари за поддршката и конструктивниот однос кон Косово, што Грција го покажа особено во последниве месеци, давајќи поддршка во корист на визната либерализација за граѓаните на Косово и заговарајќи членство на Косово во меѓународни организации.

Во соопштението се вели дека премиерот Мицотакис ја повтори заложбата на Грција за унапредување и понатамошно зајакнување на соработката во унапредувањето на европската перспектива на Западен Балкан.

За време на оваа средба се разговараше и за зајакнување на билатералните економски односи меѓу Косово и Грција.

Курти престојува во Атина на покана од грчкиот премиер и ќе учествува на Тркалезната маса организирана од грчката влада и престижниот британски „Економист“, на тема „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“.

Оваа тркалезна маса е простор за дијалог за прашања што го дефинираат светот, засновано врз искуствата на земјите со кои се соочува пандемијата КОВИД-19 и заедничките напори за постабилно и правично општество.

На тркалезната маса присуствуваат премиери и министри од повеќе земји, владини претставници, носители на одлуки, извршни директори и академици.

Слични содржини