Курти во Тирана: Ги информирав албанските власти за деталите од договорот во Охрид

од Nikola Popovski

Косовскиот премиер Албин Курти, кој вчера беше во работна посета на Тирана, за новинарите изјави дека ги информирал албанските политичари за деталите од договорот за нормализација на Косово и Србија постигнат во Охрид, како и дека побарал помош за зачувување територијалниот интегритет и суверенитет на Косово.

„На овие средби истакнав две главни работи. Првиот е демократскиот и економскиот успех и напредок на Косово, во последните две години на владата, што го сметам за невиден напредок за независно Косово. Второ, ги информирав албанските политичари за содржината на договорот што го имавме во Брисел, а потоа и за анексот што го договоривме во Охрид за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Сакав детално да ги информирам за процесот на дијалог“, рекол Курти.

Курти вчера во Тирана се сретна со претседателот на Албанија Бајрам Бегај, потоа со претседателката на Собранието Линдита Николо, премиерот Еди Рама, како и со поранешниот претседател Илир Мета.

Курти изјавил дека албанските власти го поддржуваат неговиот став дека договорот е „де факто“ признавање на Косово од Србија.

„Им објаснив дека членот 7 кој зборува за самоуправување на српската заедница е во согласност со договорот за заштита на националните малцинства. Но, во точка 10 станува збор за сите договори кои нашата влада ги наследи од договорот во Брисел (вкупно има 39 договори). Се договоривме да ги спроведеме, секако дека овие договори се важечки и обврзувачки, како што е наведено во точка 10“, вели Курти.

Тој пред новинарите изјавил дека побарал од Албанија поддршка за Косово на сите меѓународни форуми.

„Дека Албанија секој пат, на секој настап ги брани и штити интересите на Косово, суверенитетот, независноста, територијалниот интегритет. Исто така, бараме помош од Албанија за членство во меѓународните организации, бидејќи сите знаеме дека Албанија има свое место во Обединетите нации и дека е членка на сите организации. Сакав лично да ги известам албанските власти, да им ги објаснам сложените односи меѓу Косово и Србија“, изјавил Курти, пренесува Косово онлајн.

На прашањето на новинарот на „Косово онлајн“ кои се неговите следни чекори, откако доби поддршка за спроведување на анексот на европскиот договор, Курти само повторил дека ја добил поддршката од албанското раководство во процесот на дијалогот, а во врска со постигнат договор.

„Албанија е секогаш со Косово, што секојдневно го докажува на меѓународната сцена, но и во нашите билатерални односи. Со Рама се договоривме следната средба на двете влади да се одржи во јуни. Разговаравме за спроведувањето на договорот, но и за новите договори што ќе ги потпишеме“, рекол тој.

Слични содржини