Јас сум свесен за притисоците што ги доживуваат Србите од Косово од паралелните структури на Србија на Косово, од кои едната е „Српска листа“, но српската заедница на Косово треба да добие на сила и да се престрои зад поумерените српски партии и политичари на Косово, вели во интервју за „НИН“ лидерот на движењето „Самоопределување“, Албин Курти, пренесе Н1.

Зборувајќи за „поумерени српски партии“, Курти ги објасни своите размислувања за партии како што е Српската либерална партија на Слободан Петровиќ или Прогресивната демократска партија на Ненад Рашиќ. Според него, со гласање за нив, Србите на Косово би гласале за својата иднина, за интеграција, развој и целосни граѓански права.

За Курти, Заедницата на српските општини (ЗСО) е „мртва буква на хартија“. Тој ова го објасни велејќи дека на 23 декември 2015 година Уставниот суд на Косово соопштил дека ЗСО го крши уставот на Косово во дури 23 члена. Тој рече дека ниту еден Србин од Косово не протестирал, само Белград.

„Реципроцитет значи дека Белград е задоволен што Србите во Косово би имале Национален совет како Албанците во Прешевската долина. Не знаеме што всушност мислат и сакаат Србите во северно Косово, затоа што паралелните структури, што се наследство на Милошевиќ, не им дозволуваат да размислуваат, а на нас да ги слушнеме “, рече Курти.

Идејата за ЗСО не може да се реализира затоа што е противуставна, рече Курти, додавајќи дека сите косовски граѓани и национални права на косовските Срби можат и треба да се практикуваат како рамноправни граѓани преку институциите на „нашата република“.

„Јас сум подготвен и спремен да ги слушнам барањата за правата на граѓаните, но не и апетитот на Белград за територии“, објасни водачот на „Самоопределување“, кој освои најмногу гласови на минатите парламентарни избори во Косово.

Тој додаде дека неговата влада ќе ги укине давачките и ќе воспостави целосен реципроцитет со Србија.

Истакнувајќи дека дипломатската акција на Србија, што доведе до повлекување на признавањето на Косово, го намали бројот на членови на Обединетите нации (ООН) кои би гласале за членство на Косово во организацијата, Курти рече дека „таквото однесување на Србија“ е причина за воведување давачки на стоки.

„Треба да му ставиме до знаење на српскиот државен врв дека ваквото однесување не може да доведе до почеток на нови преговори, а уште помалку договор или примирје“, рече Курти.

Тој оцени дека Србија мора да преземе одговорност и додаде дека ќе побара и помош од меѓународните партнери.

„Ни треба официјална изјава на Србија дека нема да работи против членството на Косово во меѓународните заедници“, рече Курти за НИН.

Слични содржини