Курц: Пандемијата покажа колку сме зависни едни од други!

од Vladimir Zorba

Пандемијата од коронавирус покажа на драматичен начин колку зависиме едни од други, истакна австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Во видео порака по повод 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН во пресрет на Генералното собрание на ОН, Курц истакна дека ниту една земја не може сама да се бори против пандемија или да реши други глобални предизвици.

Тој посочи дека затоа е важна меѓународната соработка во рамките на ОН.

„ОН е создаден врз основа на пепелта и уништувањата на Втората светска војна“, потсети Курц.

Оттогаш, вели тој, имало 75 години посветеност на мултилатерализам што доведе до забележителни успеси со кои секој може да се гордее.

Како пример, Курц ги наведе силниот систем за заштита на човековите права, миротворството, меѓународната архитектура за разоружување, Агендата 2030 и целите на одржливиот развој и лидерството во борбата против климатските промени.

Како еден од помладите лидери, рече тој, е среќен што генералниот секретар наООН Антонио Гутереш се фокусираше на прашањето како младите ја гледаат иднината на светската организација.

„Младата генерација е таа што ќе го одбележи мултилатералниот поредок на иднината“, подвлече тој.

Курц потсети дека оваа година, во врска со односот со ОН, е посебна јубилејна година за Австрија.

Сподели дека Австрија се приклучила на ОН пред 65 години и дека сега има 60 години откако Австрија за првпат дала свој придонес во мировните операции, а 40 години откако Виена стана трето од четирите седишта на светската организација.

Австрија, како што подвлече, останува ангажиран борец за ОН и ефективна меѓународна соработка.

„Ние сме горди на придонесот што го дадовме досега и сме на располагање да ги поддржиме сите напори да ги одржиме ОН подготвени во следните 75 години“, рече Курц.

Слични содржини