Курц: Западен Балкан мора да стане дел од ЕУ

од Vladimir Zorba

На австрискиот канцелар Себастијан Курц денес му беше врачена наградата „Слобода на медиумите“ во Минхен за неговите заслуги како „градител на мостови“ и „комуникатор на слободата“, и прифаќајќи го признанието, тој подвлече дека и Западен Балкан мора да стане дел од ЕУ.

Денес, по седми пат, наградата „Слобода на медиумите“ беше доделена од „Вајмер Медиа Груп“ (WMG).

Издавачот Кристијана Гет-Вајмер ја објасни одлуката за доделување на наградата на канцеларот Курц велејќи дека тој е „помирувач на различни интереси и светски политички ставови“.

„Канцеларот Курц секогаш гради мостови низ целиот континент“, рече Гет-Вајмер на собирот „Лудвиг Ерхард“.

Таа истакна дека Курц им дава силен глас на помалите земји во ЕУ, пред се на источна и југоисточна Европа, во процесот на обликување, а исто така успеа отворено да комуницира во кризни ситуации, како што се терористички напад и пандемија.

„Како еден од најмладите водечки политичари во Европа, тој јасно застана против оние кои ја мразат демократијата“, истакна Гет-Вајмер, нагласувајќи дека тој е амбасадор на Европа и слободата.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој одржа говор по повод наградата преку видео врска, рече дека, иако тој не е секогаш на „иста линија“ со австрискиот канцелар, тој верува дека Курц е личност која секогаш сака да слуша и кој силно, убедливо ја претставува својата земја.

Курц е некој, рече тој, кој е подготвен да се залага за корисни промени, а Грција и Австрија се на првата линија кога станува збор за склучување партнерства за почиста, позелена, поодржлива и дигитална иднина за граѓаните на Европа.

Благодарение на признанието, Курц рече дека како водечки политичар во времето на пандемијата, тој не бил навикнат на пофалби, туку на критики.

„За мене е важно да можеме да живееме во обединета Европа, да не заостануваме зад другите делови на светот, поради што не смееме да дозволиме премногу раздор. Европа не треба да губи премногу време во постојани внатрешни спорови, туку да се обиде да преживее во глобалната конкуренција“, рече тој.

Тој додаде дека Австрија се обидува, со своите ограничени можности, како мала земја, да придонесе за обединета Европа и за него е важно да нема членки од „прва и втора класа“.

Истакна и дека „Западен Балкан мора да биде дел од ЕУ“.

Слични содржини