Кузеска: Мицкоски ќе остане запаметен по тоа како ги предаде македонските национални интереси

од Stefanija Kuzmanovska

Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција изјави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе остане запаметен по тоа како ги рушеше државните позиции во однос на Бугарија.

„Почитувани граѓани, почитувани медиуми,

Државниот и национален интерес на граѓаните треба да биде заеднички именител на сите одговорни политичари и политички партии во македонското општествено.

За жал, она што јавноста може јасно да го види е дека Христијан Мицкоски тоа не е.

Со своите неодговорни и недржавнички постапки, Христијан Мицкоски ги поткопа, ги загрози националните позиции во однос на Бугарија, во клучни моменти.

Христијан Мицкоски учествувал на Конгрес на ЕПП на којшто е усвоена Резолуција којашто иако повикува на почеток на преговори со ЕУ во еден дел ги содржи ставовите на Бугарија.

Тоа е тврдењето во дел од Резолуцијата на ЕПП дека не сме ги почнале преговорите со ЕУ затоа што не биле „постигнати опипливи резултати во однос на спроведувањето на билатералните договори со Бугарија.“

Ова не само што се ставови на Бугарија. Ова е во целосна спротивност со Резолуцијата за македонските позиции и црвени линии, донесена во македонското Собрание и поддржана од сите партии.

Македонската Резолуција, во член 4 повикува на „уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите“. Мицкоски, сосема спротивно на македонската Резолуција за нашите црвени линии тоа го негира.

Ова е газање врз Резолуцијата и поткопување на држаните позиции.

И наместо да излезе пред граѓаните, да одговори зошто прифатил резолуција спротивна на македонската Резолуција Мицкоски реши со денови да молчи и да се крие.

Тоа води до заклучок дека Мицкоски свесно го направил тоа.

Мицкоски ќе остане запаметен по тоа како ги рушеше државните позиции во однос на Бугарија и како ги предаде македонските национални интереси.

Национално единство и потребата од заедничка одбрана на државните интереси во однос на Бугарија се срушени токму од Мицкоски.

Граѓаните знаат.

Република Северна Македонија ги исполни сите услови за почеток на преговорите со ЕУ а нивното незапочнување е само поради блокадите на Бугарија.

Дури и со одлука на Европскиот совет е потврдено дека ги имаме исполнето сите услови за почеток на преговорите. Тоа е факт признаен и потврден од сите.

Ниту еден обид на Мицкоски тоа да го поништи, да го поткопа, да го униши, нема да успее“, истакна Кузеска.

Слични содржини