Лајчак: Дијалогот меѓу Србија и Косово вратен на прав пат

од Vladimir Zorba

После видео-средбата со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово, Авдулах Хоти, специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, оцени дека дијалогот е вратен на вистинскиот пат.

„Драго ми е што можам да кажам дека по самитот во Париз и денешната средба, дијалогот за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово, со посредство на ЕУ, е вратен на вистинскиот пат по 20 месеци“, рече Лајчак.

Тој рече дека на состанокот биле договорени главните елементи на процесот и агендата на следната средба, што ќе се одржи во живо во четврток во Брисел.

Видео-конференцијата траеше околу два и пол часа, објави Танјуг.

Претходно денеска, еврокомесарот за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел ги повика Србија и Косово да покажат подготвеност за компромис и прагматизам во обновените преговори за нормализација на односите, објави Хина.

„Разговорите ќе бараат политичка храброст на обете страни“, рече Борел пред видео конференцијата со српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Хоти.

Тоа беше прва средба на високо ниво за дијалогот од 2018 година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во петокот рече дека е подготвен за разговори со Косово за подобри односи, но не и за ултиматуми и максималистички барања од косовските власти.

Во петокот германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон беа домаќини на виртуелен самит на кој присуствуваа Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти.

Двајцата водачи се согласија да ги продолжат разговорите за нормализирање на односите, најпрво на друга видео конференција во недела, а потоа на самитот во живо во Брисел во четврток.

Србија не може да ги прифати ултиматумите на Приштина, им рече Вучиќ пред новинарите во Париз. „Србија се соочува со тежок пат“, истакна тој, додавајќи дека „нема да им биде полесно на оние што сметаа дека ќе земат сè од Србија и дека нема да добијат ништо“.

Според него, косовските Албанци бараат зачувување на територијалниот интегритет на Косово, уставот, трајно взаемно признавање, членството на Косово во ОН и другите членки на ЕУ да го признаат Косово, а подоцна и да разговараат за исчезнатите лица и воените репарации.

„Србија е единствената земја која има различни ставови“, рече Вучиќ по видео конференцијата.

Дијалогот Србија и Косово е запрен од крајот на 2018 година, кога косовските власти воведоа 100% царински давачки на српската стока во знак на одмазда за дипломатските акции на Белград да го повлечат признавањето на независноста на Косово и да го спречат пристапувањето во меѓународните организации на нејзината поранешна јужна провинција, чија независност не ја признава.

Србија го условуваше продолжувањето на дијалогот со укинување на давачките, што беше направено со назначување на новата влада на Косово и формирање на Заедницата на српските општини во Косово.

Слични содржини