Лавров: Европските земји не размислуваат за отворање граници за Русите

од Stefanija Kuzmanovska

Европските земји сè уште не размислуваат за отворање граници за руските граѓани, со оглед на бројот на регистрирани случаи на заразени со коронавирусот, рече рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.


Тој за „Русија денес“ потсети дека Европа сега ги отвора своите граници, но дека Русија, САД и Бразил се сметаат за земји за кои ЕУ нема да ги отвори своите граници заради бројот на заразени лица.

Според Лавров, Русија моментно ги проверува условите за повторно воспоставување на транспортните услуги со други земји.

– Ние како Министерство за надворешни работи ќе доставуваме информации за епидемиолошката состојба до други земји. Министерството ќе ги пренесе истите информации до руските агенции, кои стручно ќе проценат дали ситуацијата е безбедна или не – рече рускиот министер за надворешни работи.

На прашањето дали е запознаен со шемата, што им овозможува на Русите да патуваат во странство преку Белорусија, вклучувајќи ги и летовите на компаниите „Белавија“ и „Туркиш ерлајнс“ кон Турција, Лавров истакна дека „на луѓето не може да им се забрани да ја користат таа опција“.

Лавров, сепак, истакна дека претпазливоста и здравиот разум мора да бидат земени предвид при донесување на решенија за патувања, пренесе ТАСС.

Сите внатрешни граници на ЕУ се отворени од 15 јуни, а Европската комисија препорача постепено отворање на надворешните граници да започне на 1 јули.

Русија целосно ги прекина патничките летови на 27 март поради ширењето на инфекција со коронавирус, а на авиокомпаниите им е дозволено да летаат само за да ги вратат патниците од странство.

Слични содржини