Лазаревски: Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ се елементарна непогода за Скопје и Скопјани

од Vladimir Zorba

„Коце Трајановски е негативен пример за градоначалник кој покажа тотална неспособност и неодговорност за време на кризни ситуации, каква што беше поплавата во Стајковци која однесе десетици човечки животи“, пишува на својот Фејсбук статус Васко Лазаревски, член на Советот на Град Скопје од Коалиција на СДСМ.

„Жртвите од катастрофалната поплава на 6 август 2016 во Стајковци и околината беа директна последица на непреземање мерки за заштита пред поплавите, целосно погрешното дејствување за време на поплавата, и тоталната неспособност за справување со последиците по поплавата од страна на Коце Трајановски и неговиот ментор Никола Груевски.

Наместо да ги предупреди граѓаните за поплавата и да го вклучи алармот, Коце Трајановски отвораше турнир во мал фудбал, кога во медиумите веќе имаше предупредувања за можно невреме во Скопје.

Коце Трајановски како градоначалник не упати никакво известување и тревожење за Скопјани да можат навремено да се подготват за силното невреме и можните последици.

Коце Трајановски беше дел од злосторничкото здружение на власт кое ја пушти во употреба обиколницата која го поплавуваше Стајковци и околината и пред да се случи катастрофалната поплава.

Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ безобразно лажеа дека 93 литри дожд на метар квадратен е непредвидлива катастрофа што се случува „еднаш во илјада години“, знаејќи дека во 1979 година во Скопје има наврнато 110 литри на метар квадратен!

Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ не ги чистеа редовно одводните канали, а парите за таа намена ги делеа по партиска линија.

Коце Трајановски беше дел од злосторничкото здружение на власт кое трошеше стотици милиони евра на споменици и барокни фасади, наместо за заштита од поплави и пожари. Злосторничкото здружение на власт продолжи со изградба на Панорамско тркало од речиси 19 милиони евра, не сакаше да ги пренамени парите за помош на настраданите и за спречување на идни поплави, а механизацијата остана во коритото на Вардар, наместо да биде упатена кон Стајковци.

Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ сеуште не чувствуваат одговорност за десетиците изгубени животи, за стотиците повредени, како и за огромните штети од поплавата за која граѓаните ниту беа предупредени, ниту пак им беше пружена соодветна помош пред, за време, и по поплавата.
Ако имаа грам совест, Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ немаше на крајно лешинарски начин да се обидуваат политички да профитираат од маката на граѓаните околу местата кои беа погодени од пожар. Ако имаа грам совест, Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ немаше да споредуваат катастрофа со десетици жртви и илјадници уништени домови, за која самите беа најодговорни, со последиците од пожарите во кои за среќа нема никакви жртви и повредени, поради навремените реакции од страна на институциите.

Затоа што немаат ниту грам совест, ниту срам, ниту одговорност, Коце Трајановски и ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе бидат казнети од Скопјани на следните локални избори“, истакнува Лазаревски.

Слични содржини