Лажни тревоги за бомби – дел од специјалната војна против Македонија?

од Destan Jonuzi

Деновиве десетици основни и средни училишта добија дојави за поставени бомби во училишните згради.

Надлежните велат дека се „трага“ по авторите на ова дело, а експертите велат дека тоа може негативно да се одрази врз децата, родителите и општеството, и дека може да биде дел од специјална војна против одредена земја.

Жидас Даскаловски – професор на Факултет за Безбедност при Универзитет „Св. Климент Охридски“ за „Локално“ вели дека во принцип заканите со бомби во училишта ја ризикуват безбедноста на децата во многу мала мера, бидејќи се лажни најви, лажни дојави.

Жидас Даскаловски

Жидас Даскаловски

-Тоа е нешто што се случуваше во регионот многу често, и во Белград и Загреб. Но, никогаш не се знае, тие најави, дојави треба да се проверат од безбедносните сили и тоа е вознемирувачки и за самите деца, и за самите родители, и за персоналот и општо за граѓаните. Исто така е трошок и на време и ресурси на безбедносните сили на Република Македонија. Навистина е потребно да се откирие кој се јавува, кој ги пласира тие лажни најави за бомби во училиштата за да може што побрзо да се реши ситуацијата, за да може што побрзо граѓаните да бидат мирни дека ништо лошо нема да се случи во училиштата. На некој начин тие лажни тревоги за бомби се дел од специјална војна која се води против одредена земја, тука се надеваме дека се работи за случај кои е изолиран е не е план од поголеми размери, вели Даскаловски.

Социлогот Илија Ацески во изјава за „Локално“ вели дека во моментов може само да се претпостави од каде може да доаѓат дојавите за бомби во училиштата. Според него, дојавите може да доаѓаат од поединец кој е незадоволен и фрустриран, или од „некои центри што сакаат да созадаваат незадоволство“.

Илија Ацевски

Илија Ацевски

– Некој создава нестабилност, несигурност. Причината може да се бара кај поединец, пореметување на поединецот, негова одмазда, кој е незадоволен и својот бес на некој начин, својата фрустрација ја исфрлува на таков начин. Второто објаснување е малку посложено. Дали позади тоа стои некоја организација, повеќе поединци некој кој што планира да создава еден хаос во општеството, дека Македонија е нестабилна, несигурна или да речат еве, оваа власт треба да си замине или да остане. Може да е обратно, не се работи само партиите што се на власт да си заминат од власта, да има избори или не, туку и едното и другото има значање, објаснува Ацевски.

Во меѓувреме, социологот Али Пајазити вели дека (лажните) аларми за бомби се нов тренд во нашите училишта, непријатна појава, вознемирувачка, и загрижувачка за сите. Тие, додава тој, се акти на психолошки тероризам кои ја рушат психологијата на учениците, наставниците и родителите и не потресуваат сите нас како граѓани и како општество.

Али Пајазити

Али Пајазити

– Создаваат трауматска, патолошка состојба, негативна и депресивна масовна-психологија, ја нарушуваат атмосферата и во училницата и надвор од неа, го намалуваат квалитетот на наставата и учењето, а образовните капацитети од педагошки средини преминуваат во милитантни. Таквите лица мора да се најдат и казнуваат по законски норми, за да не се повторат ваквите случаи на игри со адреналин и да се развива во нормален тек, изјави Пајазити за „Локално“.

Знаеме од каде се пратени мејловите, вели Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски изјави дека МВР знае од каде се пратени мејловите за лажните пријави за бомби во училиштата и интензивно работи со цел да дојде до сторителот.

– Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно се со цел да дојдеме до сторителот, рече Спасовски.

Министерот на гостувањето во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма истакна дека во најмала рака дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта се монструозен чин и веројатно се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.

Спасовски наведе дека такви напади се случувале и во нашето опкружување, но оти тоа не значи дека не треба да се спроведува интензивна истрага, пред се заради вознемиреноста и неспокојот кај децата, наставниот кадар во училиштата, но и кај родителите на учениците.

– Сите капацитети кои ни стојат на располагање и човечки и материјално-технички, се ставени во функција и од државата и сите капацитети кои што можат да ни ги понудат нашите партнери ќе бидат ставени во функција, без разлика која е причината и природата на заканата, потенцираше министерот. Оцени дека заканите за поставени бомби само ја потврдуваат важноста на заштитата од сајбер-криминалот.

Д.Ј.

Слични содржини