ЛДП му се заблагодари на Милевски и го предложи Пенов за нов министер

од Nikola Popovski

Централниот одбор на ЛДП на синоќешната седница го предложи поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, за нов министер за локална самоуправа. Партијата ја разгледала и оставката на министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.

„Централниот одбор се заблагодари на досегашниот ангажман на Милевски, на успешното менаџирање со министерството и на придонесот за регионалниот развој на државата. Како што додаваат од партијата согласно Статутот на ЛДП се формира организационен одбор во чиј состав се изгласани Боби Мојсоски, Димитар Ванчов, Билјана Аврамоска – Ѓореска, Дејанчо Цветановски, Валентин Груевски и Ивица Тодоровски“, велат од ЛДП.

Од партијата најавуваат и одржување конгрес на кој треба да се избере нов партиски лидер.

-До конгресот ќе се одржат уште две седници на ЦО со цел подготовка на истиот, а на следниот состанок на ЦО кој се очекува да се одржи следната недела ќе бидат разгледани и предлог датуми за одржување на Конгресот, додаваат од ЛДП.

Како главен фаворит за лидерското место во партијата, се споменува името на потпретседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова.

Претходно Милевски претходно најави повлекување од двете функции, појаснуваќи дека е време за промени.

-После 3 годишното извршување на функцијата министер за локална самоуправа сметам дека е време за промени и на ова место да дојде друг кадар од ЛДП, изјави тогаш Милевски за „Локално“.

Милевски во 2015 година ја наследи лидерската позиција од Андреј Жерновски кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар. Партијата на Милевски ја даде поддршката на владејачката коалиција во време кога опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, заедно со дотогаш владејачката Беса, се обиде да ја урне власта преку изгласување на недоверба.

Слични содржини