ЛДП бара македонските претставници од делегацијата за македонско-руско пријателство да побараат од нивните колеги од Русија јавно да ја осудат инвазијата која се врши врз Украина, во спротивно партијата ќе ја поддржи иницијативата за укинување на Пратеничката група за соработка со парламентот на Руската федерација и ја поздравува одлуката на пратеникот Скендер Реџепи од Алтернатива да се повлече од оваа делегација.

– Бараме од сите членови на оваа парламентарна група за македонско-руска соработка доколку пратениците од Русија не ја осудат инвазијата врз Украина, македонските пратеници да го следат примерот на пратеникот Реџепи и да се повлечат од оваа делегација. Mакедонските пратеници не треба да соработуваат со пратеници кои ја поддржуваат агресијата на Путин врз Украина и ги одобруваат и гласаат сите одлуки кои им ги сервира Путин, велат од ЛДП.

Тие овој апел го упатуваат до останатите членови-пратеници, Павле Трајанов, Љупчо Димовски, Иван Стоилковиќ, Ана Лешоска, Коле Чаракчиев, Љупчо Балкоски и Бедри Фазли.

– Не може да соработуваме со луѓе кои се виновни за нарушувањето на мирот во Европа, а македонските пратеници не треба да соработуваат со земја која е директно виновна за страдањата, уништувањето и солзите на невините граѓани на Украина, велат од ЛДП.

Слични содржини