Лекен: Новата методологија за проширување ЕУ воведува построги правила за новите кандидати

од Берта Китинска

Со предложената нова методологија за проширување, критериумите од Копенхаген се исти, но споредено со апликациите за членство на земјите од Централна Европа, сега правилата се построги, оценува професорот Кристијан Лекен од Институтот за политички науки во Париз.

-Ревидираната процедура за проширување што ја предложи ЕК, а следеше по нон-пејперот од Франција не носи ништо револуционерно споредена со претходната методологија. Таа содржи елементи на рационализација на процедурата, како што е воведувањето на кластери во кои се групирани 35-те поглавја. Имаме и поголема политизација на процесот со вклучување на Европскиот совет што е добро бидејќи претходните процеси беа многу бирократски. Тука е и идејата за реверзибилност на процесот, ако политичките услови не се исполнети. Но не сум убеден дека тоа не беше можно и со претходната методологија. Генерално, критериумите од Копенхаген се исти, но се согласувам дека споредено со апликациите за членство на земјите од Централна Европа, сега правилата се построги, вели Лекен.

Во своето предавање на тема: „Дали ЕУ навистина е подготвена да го прошири кругот?“ одржано на Универзитетот ФОН во Скопје, тој оценува дека заострувањето на правилата се должи на искуствата со некои држави од претходните проширувања, каде по стапувањето во членство се појавија елементи на недоверба кон нив од страна на некои земји – членки на клубот.

Осврнувајќи се на самиот процес тој е дециден дека проширувањето не зависи само од ситуацијата во земјите кандидати, туку и од состојбите во Европската унија, а овој вториот аспект денес стана многу поважен отколку во минатото. Тоа се должи на серијата кризи што ја погодија ЕУ од 2008 година наваму, додава тој. Влијанието, пак на Брегзит, кога се зборува за проширување на Унијата со земји од Западен Балкан, е евидентно, бидејќи овде не станува збор за криза од која може да излезете посилни, туку се поставува прашањето за дезинтергација на Унијата. Загубата на една членка, според него, го сруши митот дека заминувањето од Унијата е невозможно.

Одлуката од Октомврискиот самит на Европскиот совет да не се додели датум за пристапни преговори на С. Македонија и Албанија по противењето на Франција и на Холандија, оценува тој, не е насечена против двете земји, туку е своевиден акт на францускиот претседател Емануел Макрон кон членките во клубот и произлегува од неговата оценка за потребата за реформирање на капацитетите на ЕУ пред прием на нови членки. Оценка од која, додава, сега ретерира до извесен степен.
-Затоа, не ме прашувајте каква ќе биде одлуката на следниот Европски совет, бидејќи тоа е работа на политичарите, но мојот впечатокот е оптимистички. Сметам дека има добри ветрови во моментов и не го исклучувам фактот дека С. Македонија и Албанија би можеле да ги почнат преговорите со ЕУ, вели францускиот аналитичар.

Кога станува збор за владеењето на правото што е една од темелните вредности на ЕУ, професорот Лекен забележува дека однесувањето на некои членки на ЕУ (како Унгарија и Полска) чии влади намерно се противат на овој принцип прават потреси во Унијата и влијаат и на кандидатите за членство.

-Не е исто ако имате проблем со капацитетот и ако од политички причини не го почитувате владеењето на правото. Многу прашања поврзани со владеењето на правото треба да бидат решени пред проширувањето, затоа што овој процес нема да ја претвори „водата во вино“ и се повеќе сум убеден дека членките не се јасни многу кога на кандидатите за членство им велат дека штом станете дел од клубот ќе бидат решени сите ваши проблеми. Градењето на државата, на институциите на државата е процес и треба да се гледа независно од процесот на проширување, вели Лекен.
Еден од елементите кој влијае на проширувањето е и перцепцијата. Западен Балкан, забележува францускиот политиколог, во претставите на западните политичари се врзува за перцепции на регион на војни, национализми, етнички тензии и токму затоа ЕУ придава големо значење на критериумот на регионална соработка за регионов, а земјите од регионот преку помирување, мора да докажат, можеби и повеќе од други држави дека се способни да ги надминат тензиите и стигмата која ги следи од 90-те години.

Треба да се земе предвид и влијанието на јавното мислење. Експертите, дипломатите и академиците се способни да го анализираат проширувањето со одреден број рационални аргументи, како што е геополитичката стабилност. Но, проблемот, е вели, што таа рационалоност не се совпаѓа со перцепцијата на општеството и се повеќе политичари во ЕУ тоа го согледуваат, па одлучуваат да зборуваат за проширувањето низ емоционални термини и оттаму се гледа во кој правец го насочуваат политичкиот дискурс.Така популистите кои се противат на проширувањето денес се многу повлијателни, а тенденциите во јавните мислења кај земјите – членки покажуваат опаѓање на поддршката за прием на нови членки, за разлика од времето кога беа примени Словенија или Хрватска.

-Сите овие елементи треба да се земат предвид и еден од предизвиците на лидерите на земјите членки на ЕУ е да осигураат дека реакцијата на населението, на јавното мислење е дека изградило рационални аргументи за проширувањето, а со порастот на популизмот тоа не е лесно, вели Лекен.

Проширувањето треба да продолжи и при тоа Лекен издвојува три важни препораки за успешноста на овој процес – да се биде реалистичен во ветувањата кон своите граѓани во однос на тајмингот на пристапниот процес, придржување кон основните вредности и нормативниот систем на Унијата и градење на институциите на државата во либерална насока што само по себе е поврзано и треба да дојде од граѓанското општетство и треба да се одвива независно од проширувањето.

Слични содржини