Ленин со реакција до Пенов: Може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите

од Nikola Popovski

Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски реагираше на вчерашните изјави на министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов. Тој порача дека протестите и блокадите на превозниците се законски најавени.

-Ако Пенов смета дека има нешто што е погрешно во целиот случај и дека може нешто да стори за да престане протестот, тогаш нека го направи тоа. Може и тенкови да ни испрати или можат да стрелаат врз возачите на блокадите, рече Јовановски.

Ова произлегува откако Пенов синоќа изјави дека Владата има механизам за запирање на блокадата на главниот град од приватните превозници на јавен превоз.

Тој во гостувањето во Дневникот на Сител појасни дека автобусите може насилно да бидат тргнати од улиците, но засега само се следи ситуацијата.

-Еве, да се исцрпат сите можности за разрешување на проблемот па Владата презема мерки, затоа што веќе не е само облигациониот однос и долгот од 1 милион кон приватните превозници. Веќе имаме раскинување на нивниот договор. Тие и да го добијат долгот се исклучени од натамошна работа и не верувам дека со исплата на долгот ќе престане протестот, рече Пенов, кој денеска додаде дека „едвај излегол од Скопје“.

-Преголеми штети трпат граѓаните заради некакво самоволие кое е присутно на улиците. Ние доаѓајќи накај Струмица едвај излеговме од Скопје. Протестот треба да биде насочен кон тие што го креираат или тие што мислат дека им го креираат. Секој по половина час во денот вози повеќе, троши гориво, се губат работни часови и бизниси, што е огромна штета за граѓаните, рече Пенов од Струмица.

Веќе е втор ден како траат блокадите на две клучни раскрсници и булеварот „Илинденска“ од страна на приватните превозници.

Слични содржини