Летното сметање на времето ја подели јавноста

од Берта Китинска

Идејата да се задржи летното сметање на времето предизвика големи полемики и дијаметрално различни ставови во јавноста каде секоја од страните излезе со свои аргументи “за” и “против”. Најгласни во спротиставувањето се производителите според кои предлогот не само што нема да овозможи поголема заштеда, туку и ќе има негативни ефекти врз процесот на производство.

“Ние во производството секако ќе немаме заштеда, а ќе се соочиме и со полоши услови за работа бидејќи во темница ќе треба да го исполниме истиот ефект’’, изјави за Локално,Виктор Петков- сопственик на “ВИПРО’’ компанија која се занимава со производство на конзервирани производи од овошје и зеленчук.

Според него, во суштина енергијата ниту се одзема, ниту се додава, а идејата дека со тоа што порано ќе одиме на работа повеќе ќе се заштеди не држи, бидејќи единствено ќе им биде постудено на работниците. Како дилема го поставува прашањето дали ваква мерка е спроведена од страна на Грција, Бугарија, и дали некој ги анализирал посакуваните ефекти.Петков потсетува дека основната, првична причина за поместувањето на стрелките на часовниците била психолошка, односно како што вели:

“Не беше во прашање светлината или одстуството на светлина, греењето или немањето греење, туку целта беше луѓето кога одат на работа да бидат свежи и тоа во текот на денот, а не да работат ноќе. Во 6 часот е студено и ќе треба уште повеќе да грееме отоколку во 7 часот, Секако, од работа ќе заминуваме еден час порано и веројатно тоа тие го пресметуваат како заштеда, но јас тука не ја гледам’’, категоричен е Петков.

Во оваа насока е и неговото уверување дека анализите во Европскиот парламент се далеку поопсежни од овој наш предлог. Како аргумент го посочува фактот дека потрошената количина енергија за нешто да се сработи (произведе ) е подеднакво иста без разлика дали тоа ќе се реализира во 6, во 7 или 8 часот наутро.

Според него, прашањето е со што ќе се грееме од 6 до 7 часот наутро? Оттука и неговата теза дека ако одиме порано на работа светлото во канцелариите ќе треба да биде запалено подолго, но и заклучокот дека во производството нема ништо повеќе да се заштеди доколку работниот ден почне порано. Во прилог на ова е и објаснувањето дека процесот на работата е таков да подразбира подготовка која некој треба да ја реализира претходно, пола час порано за да се почне со работа во 6 или 7 часот наутро.“Ако мене ме прашувате, многу е постудено во 6 отколку во 7 часот.

Затоа, потрошената енергија дури и ќе се зголеми доколку доаѓаме на работа во 6 часот наутро.Можеби единствено ќе се почувствува заштеда кај државните службеници бидејќи ќе заминуваат дома еден час порано’’заклучува Петков потнцирајќи дека најдобро решение е единствено сметање на времето, синхронизирано со другите держави од нашето опкружување.

K.В.С.

Слични содржини