„Летонска трага“: Француски весник ја откри содржината на разговорот меѓу Путин и Макрон за Навални

од Nikola Popovski

За време на разговорите со неговиот француски колега Емануел Макрон кон средината на септември, рускиот претседател Владимир Путин предложил да се обрне внимание на другите верзии на инцидентот со Алексеј Навални, поточно на онаа што води кон Летонија, каде што живее еден од креаторите на „Новичок“, пренесува весникот „ Ле Монд“.

Според францускиот весник, рускиот претседател за време на разговорот потсетил дека Навални претходно се преправал дека се чувствува лошо.

„Путин го објасни отсуството на официјална истрага со фактот дека на руските експерти не им биле доставени податоци од анализата на Франција и Германија. Г-дин Путин верува дека треба да се разгледаат и другите верзии, на пример, таа што води до Летонија, бидејќи таму живее создавачот на Новичок“, пишува „Ле Монд“

Според изворите на весникот, рускиот претседател претпоставил дека Навални може да биде отруен и рекол дека „Новичок“ е помалку комплицирана супстанца отколку што се смета.

Од друга страна, „Ле Монд“ пишува дека Макрон ја отфрлил верзијата за трагата кон Летонија и претпоставката дека Навални можел сам да се отруе.

Телефонскиот разговор меѓу Путин и Макрон се одржал на 14 септември. За време на разговорот, Макрон изјавил дека, според анализите извршени од Франција, Навални бил отруен од „Новичок“.

Денес, на Генералното собрание на ООН, францускиот претседател побарал од Русија итно да го објасни случајот со наводно труење на критичарот на Кремљ и рекол дека Париз нема да дозволи преминување на „црвените линии“ во врска со употребата на хемиско оружје.

„Ние нема да толерираме употреба на хемиско оружје во Европа, Русија или Сирија. Ова појаснување мора да биде брзо и беспрекорно, бидејќи ќе ги примениме нашите црвени линии“, изјавил Макрон.

Слични содржини