Левица: МНР да испрати протестна нота за изјавата на Кирил Петков

од Nikola Popovski

Партијата Левица реагира на вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека „за македонското малцинство во Бугарија дури не може ни да се зборува“. Според опозициската партија, овој став на Петков е „шовинистички“.

-Сведоци сме на апсолутно сервилно однесување и молк од сите државни институции кои имаат ингеренции во надворешната политика. Македонското МНР и неговата дипломатска служба, како државна институција чија основна надлежност се прашањата и проблемите со соседните држави, ова национално негирање и омаловажување го премолчеа, велат од партијата и бараат реакција од претседателот Пендаровски.

Според Левица, молкот од Европската унија и отсуството на притисок кон официјална Софија, при ваквите еклатантни негаторски политики, укажува на двојните аршини на европската бирократија.

-Додека европската дипломатија, со дозволени и недозволени средства во минатото изврши притисок врз Македонија за промена на Уставот (што доведе до бинационална држава) и промена на државното име, ЕУ не стави никакво условување за почитување на човековите права кога Бугарија стана држава-членка на ЕУ.

Левица бара:

– МНР итно да врачи протестна нота за изјавата на бугарскиот премиер;

– Претседателот на Републиката да побара извинување од својот бугарски колега за негирањето на македонската етничка заедница во Бугарија;

– Итен прекин на преговорите со Бугарија, заради немање на легитимитет, интегритет и капацитет за водење на преговори од страна на македонската Влада, стои во партиското соопштение.

Слични содржини