Левица: Сите дуќани кои отпуштаат работници сега, да бидат бојкотирани кога ќе заврши кризата!

од Vladimir Zorba

„Сакате да видите што е класна гордост? Гледајте го пресот на капиталистот што зборува во име на Угостителската комора“, реагираат од Левица на пресот на Мартин Ангеловски од Групацијата за угостителство, кој ја пренесе пораката до Владата дека угостителскиот сектор нема да ги користи најавените мерки и дека средствата можат да ги насочат дирекно кон сите кои остануваат без работа или во сектори каде мислат дека ќе се постигне ефект.

„Тој ѝ порача на владата: Задржете си ги парите, ние ќе ги отпуштиме работниците! Каков огромен безобразлук! Профитот над се’! Попрофитабилно им е да ги отпуштат работниците отколку да примат помош од државата. Солидарност во услови на криза? Што беше тоа? Пи-ар кој го користат само за сликање.

Не можеа да ги пратат работниците на принуден одмор? Можеа. Ама не, попрофитабилно им е да ги отпуштат и после кризата пак да ги вработат!

И немојте да мислите дека државата е крива што не ги ЧАСТИ газдите! Прво, парите не растат по дрвјата. Второ, финансиската моќ е ослабена зашто капиталистичките ѓубриња одбиваат да плаќаат повисоки даноци. Трето, зашто не може најважен да биде профитот, особено во услови на криза! Не може да им се дозволи на капиталистите да си го држат чекмеџето затворено во услови на криза, едно денарче од таму да не излезе!!!!

Сите дуќани кои отпуштаат работници сега, да бидат бојкотирани кога ќе заврши кризата! Во знак на солидарност помеѓу работниците!“, се вели меѓудругото во реакцијата на Левица.

Слични содржини