Левица: Со одложување на пописот нема да се изгуби ништо

од Nikola Popovski

„Протоколот за превентивни мерки при спрвоведување на пописот на населението никаде не предвидува постапка што доколку попишувачот испадне позитивен на КОВИД 19 во текот на попишувањето. Имено само во општите превентивни мерки се наведува дека доколку попишувачот појави симптоми на Ковид 19 ќе биде упатен на тестирање и ќе биде заменет со друг попишувач“, стои во партиското соопштение на Левица.

Според нив, ниту Протоколот, ниту законот за попис на населението, ниту методологијата не предвидува ситуација што доколку попишувачот ги зарази граѓаните чии домаќинства ги посетил.

„1)    Дали во таква ситуација заразените граѓани ќе можат да го гонат кривично и попишувачот и државниот завод за статистика согласно Кривичниот законик!?

2)    Дали државните органи кои по сила на закон се надлежни за спроведување на пописот ќе ги покријат трошоците за болничко сместување и тестирање на заразените граѓаните од страна на попишувачот со оглед на тоа дека законски ги присилуваат без нивна желба да учестуваат во процесот и свесно ги присилуваат да го стават во ризик сопственот здравје и здравјето на другите!?

Со вака слабо правно структурирана пописна легислатива не се спроведува попис ниту во селска задруга, а не пак на цела држава. Со оваа легислатива се крши чл. 39 ст. 2 од Уставот на Република Македонија  и на сите инволиврани во процесот на спроведување на пописот во домовите ИМ СЕ СКРАТУВА ПРАВОТО И ИМ СЕ ОНЕВОЗМОЖУВА ИЗВРШУВАЊЕ НА СВОЈАТА ГРАЃАНСКА ДОЛЖНОСТ КОЈА ЈА ИМААТ ПО СИЛА НА УСТАВ – ДА ГО ЧУВААТ И УНАПРЕДУВААТ КАКО СОПСТВЕНОТО, ТАКА И ЗДРАВЈЕТО НА ДРУГИТЕ! Следствено на тоа, свесно, злонамерно, сосема непотребно и со умисла се доведува во опасност здравјето и на попишувачите и на граѓаните во чиј што дом во моментот се спроведува пописот, без притоа да се предвиди одговорност на институциите.

Ги повикуваме надлежните институции да не ги ставаат во незавидна ситуација граѓаните и да ги принудуваат да постапуваат спротивно на Уставот.

Истовремено бараме од институциите да се одважат и ДА ГО ОДЛОЖАТ ПОПИСОТ, онака како што тоа го сторија повеќе земји во регионот и светот, кои веќе прогласија планско и привремено одлагање на спроведување на пописите во своите земји, од половина година до година дена – како на пример: Србија, Бугарија, Романија, Германија, Ирска, Шкотска и др.

Со одложување на пописот нема да се изгуби ништо, бидејќи истиот може да се спроведе по смирување на пандемијата и кога ризикот по здравјето на граѓаните ќе биде минимален, а ќе се спречи можноста за заразување на огромен број на луѓе и  создавање на КЛАСТЕР ПОПИС.

Во ситуација кога во државата секојдневно има по 1000 новозаболени лица и по 20 тина починати, одложувањето на пописот е единственото решение што владата треба и мора да го донесе доколку се грижи за своите граѓани“, велат од Левица.

Денес министерот за надворешни работи, Бујар Османи објави дека досега се попишале 60 илјади македонски граѓани од дијаспората, а најслаб интерес има кај иселениците во Канада и во Австралија.

Премиерот Зоран Заев деновиве преку социјалните мрежи ги повика иселениците да одвојат 10 минути од своето време и да се попишат преку едноставната апликација.

„Така ќе придонесат за подобра иднина и поквалитетен живот во татковината од која потекнуваат и каде што се надеваме дека повторно ќе се вратат. Ги повикувам и сите жители кои живеат во државата да ги пренесат овие информации до своите роднини и фамилии во дијаспората, зашто секој е важен, секој попишан е богатство за нашата држава“, порача Заев.

Слични содржини