Либанскиот претседател не ја исклучува можноста за надворешно мешање во експлозијата во Бејрут

од Vladimir Zorba

Претседателот на Либан, Мишел Аун, во истрагата за експлозијата во магацинот во пристаништето во Бејрут изјави дека се истражува дали тоа е последица на надворешно мешање или е само небрежност или несреќа, објавија од неговиот кабинет.

Либанскиот претседател потенцира дека истрагата сè уште не е завршена и дека причината не е утврдена.

„Постои можност за странско мешање преку ракета или бомба или друго дело“, изјави Аун за локалните медиуми, пренесе Ројтерс.

Тој рече дека го замолил францускиот претседател Емануел Макрон, кој го посети Бејрут во четвртокот, да обезбеди воздушни фотографии за да утврди што се случило.

„Ако Французите ги немаат, ќе ги бараме од друг извор“, истакна Аун.

Тој рече дека истрагата ќе се спроведе во три насоки: прво, како влегол и складирал експлозивниот материјал, второ, дали експлозијата е резултат на небрежност или несреќи, и трето, можноста дека имало надворешно мешање.

Страшна експлозија што се случи во пристаништето во Бејрут во вторникот, уби најмалку 154 лица и повреди околу 5.000.

Слични содржини