Лидерите на четирите најголеми партии повторно на заедничка маса

од desk4

   Лидерите на четирите најголеми партии, владејачките СДСМ и ДУИ и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса денеска повторно ќе седнат на маса и ќе се обидат да ги испеглаат разликите и да постигнат политички договор во врска со претстојниот референдум, датумот, референдумското прашање, неговиот карактер, изборот на ДИК…

Разговорите се закажани за девет часот изутринава во Клубот на пратениците.

Ова е трета лидерска средба, првата се одржа минатата среда со учество на сите политички партии, кои во Собранието имаат повеќе од еден пратеник, на што се спротивстави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој ја напушти по околу еден час од нејзиниот почеток и побара потесен состав на состанокот.

Следниот ден, минатиот четврток се одржа втората лидерска, во скратен формат. По средбата во четвртокот во Клубот на пратениците лидерите на СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и едно од крилата на Беса, Зоран Заев, Али Ахмети, Христијан Мицкоски и Билал Касами изјавија дека за некои од прашањата за кои се разговарало постојат шанси за приближување на ставовите, додека за некои се далеку од договор.

Власта бара од опозицијата поддршка за престојниот референдум, опозицијата бара усвојување на Законот за финансирање на политичките партии, измени во Законот за Влада, по пржинскиот модел и измени во Кривичниот законик поврзани со амнестијата.

На лидерската во скратен формат во четвртокот, како што изјавија некои од учесниците, на маса воопшто не било ставена формулацијата на референдумското прашање. Учесниците по четири часа разговори не успеале да го отворат тоа прашање.

Премиерот и лидер на СДСМ Заев по првите разговори во средата вечерта го соопшти можното прашање – Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција.

Заев тогаш извести и дека претстојниот референдум потребно е да биде консултативен.

Во однос на карактерот на референдумот појасни дека е разговарано и за членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието треба допрва да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината, потребно е изјаснувањето на граѓаните да биде консултативно.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од  вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список.

Формирањето на ДИК, без што не е можно да се одржи референдумот е едно од горливите прашање, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ бара усвојување на Законот за финансирање на политичките партии и измени на Законот за Влада, според пржинскиот модел пред секои избори, како услов за формирање на ДИК.

Според актуелниот закон, ДИК се бира со двотретинско мнозинство во Собранието, а според договореното меѓу власта и опозицијата претседателот на Комисијата би бил од опозициската партија. Одлуката за распишување на референдумот ја носи Собранието и откако ќе ја донесе тој мора да се одржи не порано од 60 дена, ниту подоцна од 90 дена од распишувањето.

На дневен ред на денешната собраниска седница, како 12 точка се ставени измените на Изборниот законик, кои минатата недела ги поминаа расправите во комисиите. Со измените се предвидува изборот на нови членови на ДИК, наместо со двотретинско мнозинство, да се врши со 61 пратеник.

Заев по втората лидерска потенцира дека компромиси не може да се прават околу стратешките цели на Македонија – влез во ЕУ и НАТО и за амнестијата, додека Мицкоски побара европско однесување не само на зборови, туку со дела.

– Стратешки цели на Република Македонија и на сите парламентарни партии се полноправното членство во ЕУ и НАТО. Компромиси нема за стратешките цели на РМ. Амнестија директна или индиректна нема. Ќе му дадеме шанса на дијалогот и разговорот се додека тоа е возможно, порача тогаш Заев.

Тој истакна дека им дава шанса на лидерските средби да доведат до решение, кое што ќе значи успешен референдум како процес кој води кон тоа Македонија да стане членка на НАТО и да почне преговори со ЕУ со отворање на поглавјата во јуни 2019 година.

Мицкоски нагласи дека е разговарано за теми кои веќе и се познати на јавноста, а се дел од преговорите од март-април.

– Ја користам оваа прилика да кажам определен мој впечаток којшто не се темели на чувства, туку на заложби на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се вистинските европски вредности и принципи, а не само декларативни заложби. Доколку навистина се стремиме кон европските вредности и принципи така треба и да се однесуваме и истите заложби да ги применуваме во дело. Тоа подразбира почитување на законите и на Уставот и да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните односно да се поставуваат повеќесмислени прашања за круцијални теми за кои ние како граѓани сме загрижени за иднината на оваа држава, посочи тогаш Мицкоски.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој на лидерските го придружува Ахмети, вчера во интервју за грчкиот весник „Етнос“ изјави дека спротивставувањето на опозицијата на Договорот за името со Грција, кој, како што вели е договор за идните генерации, а не идните избори, ќе ја искомпликува политичката ситуација во земјата.

Но, се уште се надева дека ВМРО-ДПМНЕ ќе сфати дека земјата нема иднина без ЕУ и НАТО и оти така ќе се однесува.

Сепак, тој е уверен дека и без поддршката на опозицијата процесот може да биде успешен, пред се, како што вели, заради довербата во изборот и проценката на народот.

– Опозицијата се уште го држи овој процес во заложништво, а со тоа и иднината на државата. Би сакале оваа битка да ја водиме заедно со опозицијата, но, ако е потребно ќе го направиме тоа и без нив и ќе успееме. Верувам дека со големата поддршка на граѓаните ќе успееме да го направиме тоа во предвиденото време, вели Османи во интервју за грчкиот весник „Етнос“,

Референдум е форма на неспоредна демократија и учество на граѓаните во донесување политичките одлуки, а за да биде успешен потребно е да се исполни законскиот цензус, односно на него да излезат најмалку 50 отсто од избирачите.

На избирачкиот список во моментов има околу 1,8 милиони гласачи. За да биде исполнет цензусот треба да излезат најмалку половина од нив, а одлуката ќе биде усвоена ако ја поддржале мнозинството од излезените избирачи.

Слични содржини