Лидерите на Г7 пристигнаа во Корнвол: Меркел дојде последна

од Stefanija Kuzmanovska

Лидерите на Г7 пристигнаа во Корнвол денес во пресрет на самитот на Групата седум најразвиени индустриски земји во светот (Г7).

Германската канцеларка Ангела Меркел последна пристигна на аеродромот Корнвол, во англискиот град Њуквеј, а францускиот претседател Емануел Макрон пристигна малку порано, во придружба на неговата сопруга Брижит, пренесува Би-Би-Си.

Претходно во Корнвол пристигнаа канадскиот премиер Џастин Трудо, италијанскиот премиер Марио Драги, јапонскиот премиер Јошихиде Суга, американскиот претседател Џо Бајден и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Самитот на Г7 се одржува во одморалиштето Карбис Беј во Корнвол, а лидерите ќе бидат пречекани од британскиот премиер Борис Џонсон и неговата сопруга Кери.

Потоа ќе имаат разговор на тема развој и искуства што се случиле за време на пандемијата на ковид-19, пренесуваат британските медиуми.

Следува прием кај кралицата Елизабета, во присуство на принцот од Велс и војвотката од Корнвол, како и војводата и војвотката од Кембриџ, пренесуваат британските медиуми.

Слични содржини