Лидерите повикаа на поголема соработка по пандемијата – собир без САД, Кина и Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Педесетина светски лидери повикаа на поголема соработка во светот по пандемијата, на состанокот на ОН за развој на финансирање, на кој не присуствуваа САД, Кина и Русија.

Целта треба да биде „никој да не се заборави“, рече италијанскиот премиер Џузепе Конте во видеото, на настан што го организираа Канада и Јамајка.

Претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоза, рече дека е неопходно да се биде иновативен и „да се размислува надвор од вообичаената рамка“.

Целите за одржлив развој во 2030 година се „посуштински од кога и да било“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

„Мораме да работиме и да се бориме заедно“, додаде таа.

Неколку лидери, како германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, оценија дека сегашната криза може да биде можност за развој на поиздржлива економија, особено промовирање на борбата против глобалното затоплување. Макрон посочи дека „се наметнува соработка“ за „здравје за сите“, за „поддршка на најчувствителните земји“, главно во Африка и за активности во корист на животната средина и биодиверзитетот.

Во светот по пандемијата треба да доминира „солидарноста, а не профитот“, оцени претседателот на Костарика Карлос Алварадо Кесада, додека британскиот премиер Борис Џонсон очекува елан за „подобра обнова“.

Британскиот премиер повика на прекугранична соработка со цел да се избегне нова пандемија и да се врати светот на вистинскиот пат.

Слични содржини