Лидерот на Хамас: Борбата ќе продолжи се до ослободување на Ал-Акса

од Nikola Popovski

Лидерот на палестинското движење Хамас, Исмаил Ханије, денес соопшти дека исламската екстремистичка организација ќе продолжи да се бори против еврејската држава додека не биде „ослободена“ џамијата Ал-Акса во Ерусалим, трета по важност во исламот, објавија израелските медиуми.

Денеска повторно започнаа судири меѓу израелската полиција и Палестинците по традиционалните молитви на муслиманите во петокот напладне.

Израелската полиција соопшти дека имало немири и дека стотици млади луѓе фрлале камења и молотови коктели кон полицијата.

Немирите беа првиот тест за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, воспоставен по 11-дневна жестока размена на ракетни напади и бомбардирања.

Тензиите на светото место во Ерусалим претходеа на конфликтот, кој започна на 10 мај, во кој беа убиени 243 Палестинци и 12 Израелци.

Ридот на храмот, каде што е џамијата, е најсветото место во јудаизмот затоа што порано имало антички еврејски храмови, а се наоѓа во источен Ерусалим, кој Израел го освои во шестдневната војна во 1967 година и подоцна беше припоен.

Израелските лидери изјавија дека примирјето е безусловно, но Хамас соопшти дека побарал отстапки на брдото на храмот во замена за прекин на огнот.

Палестинците на нивната друга територија, Западниот брег, каде доминира поумереното движење Фатах, го прославија примирјето со масовни поворки како успех на Хамас во конфликтот со Израел.

Во појасот Газа, прославата на илјадници луѓе на улиците започна веднаш штом стапи во сила примирјето во два часот утрово.

Ханије, пофалувајќи ја „победата на Хамас“, рече дека поради војната, биле спречени обидите на Израел да се интегрира во арапскиот свет.

„Ние го уништивме проектот за „соживот“ (на Арапите) со Израел, и „нормализирањето со Израел“, рече Ханије, алудирајќи на насилството меѓу израелски Арапи и Евреи во градовите со мешано население, што избувна за време на вооружениот конфликт меѓу израелската војска и екстремистичките организации во Газа.

„Видовме дека нашата нација се буди за да застане зад Ерусалим, Палестина и отпорот“, рече тој.

Слични содржини