Литванија ги советува граѓаните да не купуваат кинески мобилни телефони

од Nikola Popovski

Министерството за одбрана на Литванија ја советува јавноста да избегнува купување мобилни телефони од кинески производители и да се ослободи од нив што е можно поскоро доколку ги има.

Министерството ги советуваше граѓаните да се ослободат од мобилните телефони од кинеско производство, истакнувајќи дека владиниот извештај открил дека тие имаат вграден софтвер за цензура, пишува „Дејли Сабах“.

-Телефоните што се продаваат во Европа од кинескиот гигант за паметни телефони Xiaomi Corp имаат способност да детектираат и цензурираат термини како што се „Слободен Тибет“, „Да живее независноста на Тајван“ или „Движење за демократија“, соопшти литванската агенција за сајбер безбедност.

Во извештајот на литванската влада се наведува дека софтверот на телефонот Mi 10T 5G на Xiaomi е исклучен за регионот на Европската унија, но може да се вклучи од далечина во секое време.

Исто така, се наведува дека телефоните на Xiaomi испраќаат шифрирани податоци за користењето на уредот до сервер во Сингапур.

Извештајот открива дека листата на термини што можат да ги цензурираат системските апликации, вклучувајќи го и стандардниот интернет прелистувач на Xiaomi, во моментов содржи 449 изрази на кинески јазик и постојано се ажурира.

Било порачано дека ова е важно не само за Литванија, туку и за сите земји што користат опрема на Xiaomi.

„Наш совет е да не купувате нови кинески телефони и што побрзо да се ослободите од веќе купените“, изјави литванскиот заменик министер за одбрана Маргирис Абукевичиус.

Кинеската компанија Xiaomi се уште нема коментирано на оваа тема.

Слични содржини