Љутков најавува брзо отворање на Калето

од Nikola Popovski
58 прегледи

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска најави дека интензивно се работи на отворање на скопското Кале, кое со години е затворено за јавноста.

-Информирам дека во најскоро време ќе се изврши негова ревитализација како активна туристичка атракција. Работната група е формирана и се обезбедени средства преку Управата за заштита на културно наследство. Очекувам многу набрзо да биде отворено Калето. Што се однесува до Старата скопска чаршија, веќе се преземени сериозни мерки за ревитализација и решавање на проблемите со овој значаен споменик, кажа Љутков на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

Според Љутков, почната е постапка за отворање на два музеи на Калето – еден од праисторија и друг од Османлиско време.

-Таму има преголема вегетација, ќе се расчисти просторот за да се отвори за посетители. Сега се посетува на диво, нема никаква заштита. Бев пред две недели и изгледа ужасно Калето. Имаме обезбедено буџет за отворање. кога ќе ги имаме официјални податоци, со мали решенија ќе го отвориме, а понатаму ќе продолжиме со работа, додаде министерот за култура.

Околу информациите дека на просторот на Калето ќе имало црква и ќе се правеле литургии, Љутков е дециден дека тоа е музеј.

-Тој е останат во таква форма. Ќе видиме понатаму што ќе се случува. Претходно тоа што се случи беше политичка, а не рационална одлука, посочи министерот.

Слични содржини