Локални избори без „бугарски возови“: ДИК избра компанија за набавка на електронските гласачки машини 

од desk4

Двојни гласања, „бугарски возови” и кражба на изборите на овие локални избори ќе нема. УВ ламбите и спрејовите заминуваат во историјата., на нивно место доаѓаа електронските машини за гласање. Државната изборна комисија (ДИК) денеска изврши избор на компанијата што треба да го набави интегрираниот систем за биометриска индентификација на гласачите. Според најавите, повеќе информации во врска со набавката на овој систем и подготовките за локалните избори Комисијата ќе соопшти во текот на утрешниот ден.

Во ДИК велат, дека се тече според планот и се очекува локалните избори да се одржат во предвидениот рок, во втората половина на октомври.
Според тендерската документација треба да се набават околу 4. 000 апарати за гласање со отисок на праст, кои ќе бидат распоредени на 3.480 избирачки места.

На седмите по ред локални избори, од осамостојувањето на Македонија, за првпат ќе се гласа со машини за биометриско идентификување на гласачите.

Партиите од власта и од опозицијата пред околу пет месеци се согласија отпечатокот од прстот на гласачите, да даде придонес во обезбедувањето на регуларност на изборите. Електронска контрола на отпечатокот од прст (фингерпринт) прва ја побара опозицијата, како гаранција дека едно лице ќе гласа на едно место и не ќе може да гласа повторно.

ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги обвини СДСМ и ДУИ дека не сакаат гласање со фингерпринт за да може и на овие избори да има семејно гласање и гласање на лица кои не се присутни на избирачките места.

Од друга страна пак СДСМ од самиот почеток тврдење дека се за фингерпринт на локалните избори и не е против како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ. Ја обвинија опозициската партија дека бара алиби за изборниот пораз што ќе им се случи на локалните избори.

Според информациите во јавноста со електронското гласање се добива брзо и прецизно пребројување на гласовите, се скратуваат процедурата и временскиот рок на гласањето, но истовремено и многу се заштедува од државниот буџет. Електронскиот систем за гласање првпат е спроведен во Холандија (1990 година) и оттогаш системите за е-гласање на различни нивоа (референдуми, локални и претседателски избори) се применуваат во дваесетина земји. Ваквиот систем на гласање активно се практикува во развиените држави САД, Канада, Бразил и Венецуела на американскиот континент.

Во Азија, Јапонија е земјата што е синоним за ваков тип гласање, а во Европа електронското гласање се користи во Холандија, Британија, Естонија, Швајцарија, Франција, Ирска, а оваа година и во Бугарија.

И.Т.

Слични содржини