Британските и шкотските политичари во неделата го ублажија ризикот од правна битка околу тоа дали Шкотска може да одржи нов референдум за независност, но делумно разјаснија како Лондон и Единбург ќе ги решат разликите по ова прашање.

Застапниците на независноста освоија мнозинство во шкотскиот парламент на изборите во четвртокот, а премиерот Никола Старџен изјави дека доби мандат да ги продолжи плановите за нов референдум за независност откако ќе заврши пандемијата „Ковид-19“.

Шкотската национална партија (СНП) освои 64 места во парламентот, објави изборната комисија во Единбург во саботата вечерта, но нема апсолутно мнозинство од 65 пратеници.

Сепак, со оглед на тоа што Зелените, кои исто така повикуваат на независност на Шкотска, освоија осум места, партиите за независност имаат очигледно мнозинство.

Британскиот премиер Борис Џонсон и неговата конзервативна партија, која е во опозиција во Шкотска, силно се спротивставуваат на референдумот и тврдат дека ова прашање е решено во 2014 година кога 55 проценти од Шкотите гласаа „против“ независноста и 45 проценти „за“.

Џонсон и Старџен разговараа во неделата и се согласија дека нивниот непосреден фокус е на „заедничката работа за да се опорават од пандемијата“, соопштија од Даунинг стрит, без да се спомене прашањето за независноста на Шкотска.

Како што растат шпекулациите дека британската влада ќе оди на суд за да спречи референдум, британскиот министер Мајкл Гоув во неделата повеќепати беше прашуван за време на телевизиските интервјуа како Лондон ќе го реши шкотскиот проблем.

Тој одби да открие детали, тврдејќи дека Шкотите сакаат политичарите да се фокусираат на прашања како што се опоравување од пандемијата и како да се решат прашањата како што се слабите образовни перформанси на шкотските студенти и високата употреба на дрога.

Но, Гоув како да ја отфрли идејата за правна битка. Би-Би-Си го прашаа дали владата ќе ја изведе Старџен на суд за да спречи одржување референдум. „Не, првото нешто што треба да го кажам – честитки за Никола (за нејзината изборна победа)“, одговори Гоув.

Од него беше побарано да потврди дека нема да има никакви правни битки. „Нема да се доближиме до тоа“, рече тој.

Политичките коментатори немаат единствен став за одговорот на Гоув.

Старџен, која се појави на истата програма на Би-Би-Си кратко време по Гоув, рече дека без оглед кое е точното значење на одговорот на Гоув, би било „апсурдно и целосно нечуено“ британската влада да преземе правни активности за запирање на референдумот.

„Ако ова заврши на суд, што не е нешто што некогаш сакам да го видам, тоа ќе значи дека конзервативната влада одбива да ги почитува демократските желби на шкотскиот народ“, рече Старџен.

Ако британската влада се обиде да ја искористи „силата на законот“ за да спречи референдум, тоа би значело дека тристагодишната унија на Англија и Шкотска повеќе нема да се заснова на консензус, додаде таа.

„Не верувам дека ќе стигнеме дотаму“, рече Старџен.

Според шкотскиот закон од 1998 година, владата во Лондон мора да го одобри референдумот за одвојување на Шкотска од Велика Британија, на кој се повикува Старџен.

Слични содржини