Лондон ја предупредува Москва: Смирете ги тензиите во Украина

од Milan1

Шефот на британската дипломатија Лиз Трас денеска ја повика Русија, пред средбата на шефовите на руската и американската дипломатија да води конструктивни разговори за Украина, предупредувајќи дека инвазијата на таа земја ќе доведе до големи загуби на животи.

Русија во последните месеци распореди десетици илјади војници на границите со Украина, поради што се стравува дека се подготвува инвазија. Москва негира дека има такви планови, но инсистира да добие писмени гаранции за нејзината безбедност, вклучително и ветување дека Украина нема да влезе во НАТО.

„Заедно со нашите сојузници продолжуваме да ја поддржуваме Украина и ја повикуваме Русија на деескалација и да води конструктивни преговори“, рече британската министерка за време на посетата на Сиднеј.

Таа додаде дека Кремљ не научил лекции од историјата и изјавила дека инвазијата би довела до „ужасна загуба на животи“ како кога Советите биле во Авганистан или за време на чеченскиот конфликт.

По серијата дипломатски средби во Европа минатата недела, Москва и Вашингтон треба уште еднаш да се обидат да ја отстранат заканата од нов конфликт во Украина за време на средбата меѓу американскиот државен секретар Ентони Блинкен и неговиот руски колега Сергеј Лавров во Женева.

Трас ги повика западните демократии да соработуваат поблиску со Австралија и другите сојузници во Индо-пацифичкиот регион за да се обидат да се спротивстават на глобалните агресори кои „се зајакнаа на начин невиден уште од Студената војна“.

„Тие се обидуваат да ја извезат диктатурата како услуга низ целиот свет. Затоа режимите како Белорусија, Северна Кореја и Мјанмар ги наоѓаат своите најблиски соработници во Москва и Пекинг“, рече таа.

Австралискиот министер за одбрана Питер Датон го повтори апелот на шефот на британската дипломатија дека „слободниот свет може добро да се одржи“.

„Кога гледаме дека Русија постапува како што прави, таа ги охрабрува другите тирани и други диктатури да го сторат истото, особено ако нема реакција од остатокот од светот. Илјадници луѓе умираат и тоа не е нешто што никој сака да се случи. Зголемувањето на руските трупи е крајно загрижувачки“, рече Датон.

Британската министерка за време на посетата на Австралија има намера да ја зајакне воената, технолошката и економската соработка меѓу Лондон и Канбера, во спроведувањето на стратегијата „Глобална Британија“ по излегувањето на Велика Британија од Европската унија.

Слични содржини