Лондон од 20 февруари ја воведува првата нова виза по Брегзит

од Aleksandar Petrovski

Официјален Лондон најави дека од следниот месец ќе воведе нова виза, која ќе им овозможи на научници, математичари и истражувачи брз влез во земјата.

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека на тој начин ќе испратат порака оти по започнувањето на Брегзит в сабота, земјата ќе остане отворена за најталентираните умови во светот.

Новата виза ќе биде во функција од 20 февруари. Таа ќе им се издава брзо на лица кои имаат покана за работа од образовни установи и истражувачки институти. Ќе го замени сегашниот визен систем за таленти, кој предвидува прием на 2.000 лица годишно на позиции со плата над 30.000 фунти годишно.

Освен тоа процедурата за одобрување на визата ќе ја спроведува Агенцијата за научни истражувања и иновации, а не Министерството за внатрешни работи. Новата виза ќе важи и за европските граѓани, откако ќе истече преодниот период за излез на Велика Британија од ЕУ. Планирано е тоа да се случи до крајот на оваа година. Во моментов, научните работници од ЕУ се половина од вкупно 211.000 странски државјани на кои се потпираат британските универзитети и истражувачки организации.

Слични содржини