Лондонскиот аеродром Хитроу го ограничува бројот на патници кои заминуваат на 100.000 дневно

од Stefanija Kuzmanovska

Лондонскиот аеродром Хитроу соопшти дека ќе го ограничи бројот на патници кои заминуваат на 100.000 дневно ова лето, во обид да го ублажи пореметувањето за патниците бидејќи се бори со зголемената побарувачка за авионски патувања.

Авиокомпаниите на најпрометниот британски аеродром веќе одговорија на апелот на владата за намалување на капацитетот, но Хитроу рече дека е неопходно да се оди чекор понатаму, пренесува „Ројтерс“.

Во соопштението се вели дека авиокомпаниите, персоналот за ракување со багажот и аеродромот заедно можат да се справат со 100.000 патници кои заминуваат, бројка што редовно се надминуваше во последните недели што резултираше со неприфатливо ниво на услуга.

„Некои авиокомпании презедоа значајни мерки, но други не, и веруваме дека сега се потребни дополнителни активности за да се осигураме дека патниците имаат безбедно и сигурно патување“, рече извршниот директор на Хитроу, Џон Холанд Кеј во денешното отворено писмо до патниците“, пренесува „Танјуг“.

Тој додаде дека затоа аеродромот донел тешка одлука да воведе ограничувања на капацитетот од 12 јули до 11 септември.

„Свесни сме дека тоа ќе значи дека некои летни патувања или ќе бидат преместени на друг ден, или на друг аеродром, или ќе бидат откажани и им се извинуваме на оние чии планови за патување се засегнати“, напиша тој.

Холанд-Кеј истакна дека прогнозите покажуваат дека и покрај оваа мерка, бројот на седишта на појдовните летови во текот на летото во просек ќе биде 104.000, што е за 4.000 над границата.

Според соопштението, околу 1.500 од планираните 4.000 дневни седишта веќе се продадени на патници, а од авиокомпаниите се бара да престанат да продаваат билети за летната сезона со цел да се ограничат последиците за патниците.

Слични содржини