Лошата страна на снегот во Струга

од desk2

Радоста кај стружани за снегот траеше само неколку дена. Сега тие мака мачат како да стигнат до работните места, во продавница, болница и слично. Не исчистени улици и тротоари, преку ден кашасти од снег, навечер замрзнати. Ова е сликата од градот на мостовите, кој кога падна снегот изгледаше како бајка. Една недела по обилните врнежи, граѓаните се молат да се стопли времето за да може нормално да функционираат, бидејќи снегот од околу 35 сантиметри ги изненадил институциите.

Улиците и тротоарите со снег и мраз

Улиците, како што велат стружани, се претворени во замрзнати ораници од снег и мраз, по кои не можете безбедно да се движите нити со автомобил нити пешки.

-Неисчистениот снег ни создава многу проблеми во извршувањето на секојдневните обврски. Некои улици (речиси сите) не се воопшто исчистени од 30 сантиметарскиот снег, кој наврна пред една недела. Камионите на комуналното претпријатие не можат да го соберат отпадот поради нерасчистените улици. Опасноста е уште поголема доколку на некој му е потребна брза помош или пожарна, доколку се запали некој оџак може да настане трагедија, вели жител на Струга.

Тој раскажува дека пред некој ден постар граѓанин паднал на замрзната улица блиску градскиот пазар.

– Во падот си ја удрил главата. Му помогнав да стане и да се соземе па продолжи кон својот дом помалку зашеметен од падот, изјави стружанецот.

Стружани се загрижени што за неколку дена ќе почне второто полугодие од учебната година и децата ќе мора да се движат по замрзнатите улици и тротоари.

– Сега ќе почекаме  да се стопи снегот и да одиме по поплавени улици. По се изгледа општината повторно има тендер со Господ „тој го донесе, тој ќе го земит“ беше речено пред неколку години, посочуваат изреволтираните граѓани, кои вината за несовесно паркираните автомобили, што го отежнуваат чистењето на улиците, ја лоцираат кај сообраќајната полиција.

Комуналното претпријатие со цел капацитет на терен,  без доволно сол

Директорот на јавното претпријатие „Комунално“  Иван  Клечкароски за МИА вели дека улиците од прва и втора категорија веќе се под котрола. Од вчера се во добра возна состојба. За денеска најави расчистување на улиците од трета категорија и сокачињата.

-Состојбата е под котрола. За жал ноќните температури се многу ниски и го отежнуваат чистењето. Остануваат потесните улици, но има толку осојничави места што не се влегува со никаква механизација. Дополнителен проблем се испаркирани возила низ сокачињата кои ја попречуваат работата.

Претпријатието, според него, има недостаток од сол, што дополнително ги отежнува активностите на терен.  Досега интервенирале со шест до седум тони сол, што не се доволни. Како проблем го наведе и несовесниот однос на граѓаните, кои снегот од дворовите го фрлаат на улица, потоа тој замрзнува и го отежнува движењето на возилата и пешаците.

– Сите количества сол што беа во малопродажба ги собрав, некаде околу три-четири тони. Вчера добивме интервентно три тони сол, ги измешавме со ризла и добивме количина од околу 15 тони со која дејствуваме, но поради ниските температури ефектот не се постигнува. Уште пред две недели требаше да стигнат 25 тони сол од Албанија, но добавувачот не извиси, изјави Клечкароски.

Струшкото комунално претпријатие на терен работи со 30 луѓе, ги расчистуваат кејот и чаршијата, како и со две сопствени возила и уште четири од надворешен оператор.

Завеани планински села нема, патиштата проодни само за теренски возила

Пробиени се патиштата до сите планински села, но не се целосно чисти, информира раководителот на Центарот за управување со кризи Тоде Малески. До некои села може да се стигне само со теренски возила, но таму има само по неколку жители.

-Во некои села може да се стигне и со лесни возила. До Присовјани патот е пробиен и сообаќајот се одвива во зимски услови, но до областа Малесија и селото Буринец единствено може да се стигне со теренски возила. Пробиен е патот и до селата Вишни и Горна Белица, изјави Малески.

Во областа Малесија има само неколку жители.  Таму спаѓаат селата Присовјани, каде живеат четири-пет лица, во Збажди има тројца, во Буринец има еден жител, а во Ржаново и Локов никој не живее.

-Досега никој не побарал помош во однос на храна и лекови. Доколку има потреба во соработка со Црвен крст – Струга ќе им излеземе во пресрет на луѓето.

Доколку има нови снежни врнежи екипите на ЦУК се подготвени да дејстуваат и им стојат на граѓаните на располагање. Доколку некој  има потреба може да ги контактира на телефонскиот број 195.

Слични содржини