Мадуро подготвен за директен дијалог со Трамп

од Aleksandar Petrovski

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, речиси по една година даде интервју за „Вашингтон пост“ во кое го објаснува неуспехот на американската политиката кон Каракас.

– Сметам дека Мајк Помпео доживеа неуспех во Венецуела и оти тој е одговорен за неуспехот на политиката на Доналд Трамп кон нашата земја. Мислам дека Трамп има одвратни советници за Венецуела. Џон Болтон, Мајк Помпео и Елиот Абрамс го доведоа до погрешна претстава, истакна Мадуро за „Вашингтон пост“.

Тој посочи дека е подготвен за директен дијалог со американскиот претседател Трамп.

– Ако помеѓу државите постои почитување, без оглед колку се големи САД и ако постои дијалог, размена на вистински информации, бидете убедени дека ќе можеме да создадеме нов вид на односи, посочи Мадуро.

Тој во интервјуто за „Вашингтон пост“ изрази подготвеност да разговара и со лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, но потенцира дека нема да го исполни неговото барање да се повлече од претседателската функција.

Во Венецуела во јануари минатата година почнаа протести против Мадуро набрзо откако положи заклетва, со обвинувања дека победил на лажирани избори. Лидерот на опозицијата Гуаидо, кој беше претседател на Парламентот, се прогласи за привремен претседател.

Дел од европските држави и САД го признаа Гуаидо за претседател на Венецуела, додека Мадуро го нарече „американска марионета“.

Русија, Кина, Куба, Боливија, Турција и други држави го поддржаа Мадуро како единствен легитимен претседател на Венецуела.

Гуаидо подоцна призна дека државниот удар беше неуспешен и на 5 јануари годинава беше сменет од функцијата претседател на Националното собрание на Венецуела, а на негово место дојде провладиниот пратеник Луис Пара.

Голем број западни држави не ја признаа таквата одлука.

Слични содржини