Мафијаш пратил платени убијци да ликвидираат новинар

од Milan1

Познатиот италијански новинар и ТВ водител на емисијата „Репорт“, Сигфридо Ранучи, во емисија во живо откри дека од средината на август е под постојана полициска заштита поради заканата од мафијаш да го убие за емисија за дистрибуција на дрога и мафијашки водачи.

Ранучи, кој е водител на високо ценетото и популарно шоу на РАИ „Репорт“, изјави за агенцијата „Анса“ дека убиството го наредил мафијаш, моментално во затвор, кој соработувал со колумбискиот нарко бос Пабло Ескобар и десничарските терористички движења, пред неговото затворање.

Сигфридо Ранучи не е првпат цел на закани поради неговата новинарска работа и затоа е под полициска придружба од 2009 година, дури по нови закани таа заштита беше засилена и продолжена на 24 часа.

„Не сум загрижен за полициската заштита, туку за фактот дека новинарите се повеќе се загрозени поради нивната работа“, рече Ранучи.

Емисијата „Репорт“ која се занимава со истражувачко новинарство не е само на мета на незадоволните криминални лидери, туку и на стотици други лица, фирми, но и политичари чии незаконски активности ги откриваат новинарите.

Против авторот на емисијата се поднесени стотици тужби, а имаше и обиди на политичарите да ја укинат емисијата, но сите тужби и обиди завршија во корист на новинарите на „Репорт“, кои детално ги проверуваат своите извештаи и ги базираат исклучиво на утврдени факти.

Слични содржини