Актуелно
Почетна / TOP NEWS / „Мајкрософт“ го презема „ТикТок“ уште од септември

„Мајкрософт“ го презема „ТикТок“ уште од септември

Американскиот ИТ гигант „Мајкрософт“ потврди дека е во преговори со кинеската технолошка компанија „БајтДенс“ за да ја преземе нивната апликација за објавување кратки видеа на „ТикТок“ во САД.

Во изјавата објавена во неделата, „Мајкрософт“ соопшти дека ќе продолжи да работи со американската влада за ова прашање и има намера да ги заврши преговорите до 15 септември, објави Си-Ен-Би-Си.

Доколку оваа работа биде завршена според планот, „Мајкрософт“ истовремено ќе ја реши и контроверзата што се одвива неодамна во Вашингтон во врска со активноста на „ТикТок“ и ќе ја зајакне својата позиција во потрошувачката технологија, според американската телевизија.

Ова се случува два дена откако светските медиуми објавија дека „Мајкрософт“ е заинтересиран за купување на апликацијата, која е во сопственост на кинеска компанија.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, даде изјава веднаш по тие извештаи дека се спротивставува на идејата на „Мајкрософт“ да го купи „ТикТок“ и дека ќе преземе чекори за забрана на таа апликација во земјата.

Двете компании преговараат за „Мајкрософт“ да го купи „ТикТок“ во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, со можност американската компанија да им понуди на другите инвеститори во САД да се приклучат на аквизицијата, се наведува во соопштението.

Се додава дека извршниот директор на „Мајкрософт“, Сатија Надела, зборувал за тоа и со Трамп.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави пред „Фокс њуз“ дека „ТикТок“ и уште една популарна кинеска апликација, „ВиЧет“, сопственост на „Тенсент“, доставуваат податоци објавени на тие мрежи директно до Комунистичката партија на Кина.

Портпаролот на „ТикТок“ го негираше ова во изјава за Си-Ен-Би-Си, изјавувајќи дека податоците на нивните американски корисници се чуваат во САД.

„Мајкрософт“ соопшти дека ќе осигури дека податоците за корисниците на „ТикТок“ во САД се чуваат исклучиво во земјата и дека податоците зачувани на друго место во светот ќе бидат избришани по преземањето.

Во изјавата, „Мајкрософт“ не ги откри условите за потенцијалниот договор со „БајтДенс“.

loading...