Макам-транс: Поскапувањето на превозот е неизбежно

од Vladimir Zorba

Тендерот за набавка на јаглен за потребите на РЕК Битола според Макам –транс e инзвонредна прилика нашите превозници да учествуваат во делот кој го опфаќа превозот. Биљана Муратовска од Асоцијацијата на транспортери за „Локално“ изјави дека ваквите масовни превози се позитивен елемент и можност за ангажирање на поголем број превозници

„За да се избегнат било какви малверзации мора да се применат правилата за учество на тендер кој се пропишани во Закон за договорите за превоз во патниот сообраќај, каде основно правило е капацитетот со возила и можноста да се изврши превозот, а не исклучиво ниската цена на превозот при што тие цени ги нудат одредени трговски друштва кои не располагаат со доволен возен капацитет и ги уценуваат превозниците“, вели Муратовска.

Евентуалното учество на наши превозници барем делумно би ја олеснила сегашната ситуација во која транспортерите се под постојан удар на контиуираното покачување на енергенсите. Поскапувањата неминовно ќе ја зголеми и цената на превозот поради што од Асоцијацијата на транспортери Макам-транс од Владата бараат итни мерки за помош. „Генерално поскапувањето на нафтата, резервни делови и други услуги кои се пропратни елементи на секое превозно трговско друштво, како што се патарини, мостарини, осигурување и др., дирекно ќе влијаат на зголемување на трошоците за вршење на превоз на стока. Стравувањето е во делот на трошоците кои растат за самите превозници, а тие имаат можност да направат минимално покачување на превозните цени, алармира Муратовска.

Подеднакво сериозна последица од поскапувањето е директниот удар врз заработката на превозниците.

„Поголеми директни и индеректни трошоци на работењето значи помал износ за остварување на добивка, а со тоа намалување на можност за зголемување на нето примања на вработените, особено за возачите; одвојување на средства за обнова на нов возен парк“, вели Муратовска.

Во низата проблеми со кои се соочуваат превозниците ги наведува и тешкотиите со тековна ликвидност бидејќи трошат свои ефективни парични средства, а наплатата на превознина е за 30, 60 или 120 и повеќе дена од датата на извршен превоз. Муратовска објаснува дека во 10% – 15% случаи може и да не се наплати превознината и тогаш се водат долги судски процеси во кои како што вели таа, одредени судии се на страната на корисниците на превозот, а не на страна на оној што ги извршил своите обврски, а има и фирми кои прогласуваат стечај или едноставно ја затвораат фирмата.

Според Муратовска ставките за зголемување на услугата за превоз допрва ќе се утврдуваат и ќе зависат од брзината со која производството на стоки и нивната размена по држави ќе се врати на нивото од пред пандемијата. Експертите во континуитет предупредуваат дека проблемите во глобалниот транспорт што вртоглаво ги зголемуваат цените на превозот нема да се решат до крајот на годинава поради тесните грла во снабдувањето, пандемијата но и брзото закрепнување на побарувачката.

К.В.С.

Слични содржини