Македонец во Англија почина од корона откако одбил да се вакцинира, се собираат пари за да се донесе телото

од Nikola Popovski

Глигор Кедиоски, Македонец кој живеел во Англија и покрај молбите на сопругата не сакал да се вакцинира, по што починал од Ковид-19, пишува „Liverpool Echo“.

Кедиоски, родум од Прилеп кој живеел во Ливерпул, бил познат во заедницата како дарежлив човек и добар пријател кој го живел животот со полни гради. Бил вработен во фабрика, а за време на пандемијата работел и како доставувач.

-Во декември, откако бил заразен со Ковид-19, бил примен во болница, каде поминал околу три недели, по што починал на 2 јануари. Неговите пријатели и семејството сега собираат пари за телото на Глигор по негова желба да биде пренесено во Македонија, стои во текстот на англискиот медиум.

-Беше прекрасен пријател- еден од оние луѓе кои се тука за вас доколку ви е потребна помош. Беше познат по тоа. Го запознав во Ливерпул, но и двајцата сме од исто место. Беше малку постар од мене. Ми стана навистина многу добар пријател, вели Роберт Каралиоски, пријател на Глигор.

Бидејќи освен Билјана никој не смеел да го посети Глигор, семејството од Македонија постојано му се јавувало на телефон и му праќале многу пораки.

-Неговиот татко е се уште жив. Семејството секој ден и се јавува на Билјана и прашува кога ќе пристигне телото. Сите се обидуваат да помогнат. Ова е навистина тежок период, особено за неговата петгодишна ќерка. Таа секогаш прашува кога татко ѝ се враќа од болница, што е најтешко да се одговори, додава Роберт.

Роберт истакнува дека Глигор не сакал да се вакцинира, иако неговата сопруга била целосно вакцинирана.

-Се плашеше од вакцината, не беше сигурен како ќе влијае. Се плашеше дека ќе добие некои несакани ефекти. Билјана постојано го убедуваше да се вакцинира, но безуспешно. Затоа сега сакаме да укажеме на важноста на вакцинацијата со оваа приказна, изјави Роберт, пренесува хрватски „Индекс“.

Слични содржини