„Македонија е сеизмички активен регион каде има можност за појава на земјотреси со магнитудa од 6 до 7 степени“

од Берта Китинска

Изминатиов период во Маврово и западниот дел на земјава беа регистрирани повеќе земјотреси. Последниот беше регистриран кај Кичево со јачина од 2,5 степени. Во однос на тоа дали постои ризик за посилен земјотрес по серијата на потреси кои изминатиов период го тресеа македонското тло, „Локално“ поразговара со првиот човек на Институт за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), професор др. Влатко Шешов.

– Сеизмичноста на територијата на Македонија е поврзана со современите тектонски движења кои се одвиваат вдолж нормалните раседни структури. Жариштата на досега случените сеизмички потреси на територијата на Македонија се поврзани со раседи со различна неотектонска старост, а се активни и во последните 10000 години. Таквите млади движења, кои влегуваат во категоријата на современи тектонски движења, предизвикуваат акумулираната енергија да се ослободува често во форма на послаби потреси, но и со појава на деструктивни земјотреси, најчесто вдолж раседните структури.

Македонија претставува територија со средно ниво на сеизмичка изложеност. Серијата земјотреси кои беа регистрирани во западниот дел од нашата држава се дел од вообичаената сеизмичка активност. Досегашните сознанија за случени земјотреси како и резултатите од изработените студии на сеизмичкиот хазард за нашата територија, укажуваат на фактот дека постои веројатност за појава на земјотреси со максимално очекувани магнитуди од 6 до 6.5, (многу ретко до 7.0). Земјотреси со вакви магнитуди може да манифестираат интензитети од IX степен според Европската макросеизмичка скала на одредени локации на територијата на нашата држава. Само да се потсетиме сеизмички интензитет е мерка за влијанието на земјотрес врз човековата околина (како е почувствуван земјотресот од населението, дали има оштетување на објектите , во колкава мера се тие штети и сл.) Меѓутоа, неблагодарно е, и пред сè непрофесионално, да се даваат изјави кога точно и каков земјотрес ќе се случи или нема да се случи, впрочем тоа и не е предмет на интерес на земјотресното инженерство, вели професорот.

Шешов објаснува дека сите земјотреси во регионот и во нашата држава се поврзани со тектонските процеси и активности, односно активирање на раседите кои генерираат земјотресите. Но,

земјотресите кои се случија во централна Грција и во околината на Петриње, Хрватска, а им претходеа на земјотресите кои се случија кај нас, немаат поврзаност.

Во однос на тоа дали надградбите на зградите низ Скопје како и во другите градови се безбедни , професорот објаснува дека конструкциите треба да се проектираат и изведуваат согласно позитивната законска и техничка регулатива имајќи ја предвид намената на објектите и оптоварувањата на кои ќе бидат изложени во експлоатациониот период.

-Од конструктивен аспект еден објект може да се надгради во колку се почитуваат техничките прописи и стандарди. Во тој правец најпрвин постојната конструкција треба да биде анализирана и верифицирана дали ги задоволува критериумите од актуелната техничка регулатива во однос на капацитет на носивост и деформабилност, а потоа исто така да биде анализирана и верифицирана заедно со надградбата како една градежна целина. Ако овие анализи покажат дека постојниот објект не ги задоволува овие критериуми , тогаш се пристапува кон избор и примена на техничко решение за зајакнување на конструкцијата. Треба да истакнеме дека надградбите на постојните објекти мора да се проектираат и изведуваат со максимална претпазливост, многу знаење и темелен пристап. Во колку не се примени ваков приод, тогаш наша препорака е надградбите да се избегнуваат, кажува Шешов.

Професорот потенцира дека оштетувањата на објектите за време на силни земјотреси во одредена мера зависат и од геотехничките услови на самата микро-локација каде објектот е темелен.

-Овие локални услови имаа големо влијание на трансформацијата и амплификацијата на сеизмичките бранови кои потоа го детерминираат и одговорот на објектот. Меѓутоа какво ќе биде влијанието на овие локални геотехнички услови врз однесување на објектите за време на земјотрес, се дефинира со т.н. анализа на соработката на тло-темел-конструкција. Само ваквиот комплексен пристап може да даде одговор во колкава мерка локалните геотехнички услови имаат влијание на евентуалните оштетувања на објектите, објаснува тој.

На прашањето која од скопските општини е најбезбедна за градење и дали во нашиот Скопје смее да се градат висококатници, Шешов вели дека доколку се градат и проектираат во согласност со техничка регулатива и современите научни сознанија, зградите низ градот ќе бидат безбедни.

-Не може да се каже дали некоја од скопските општини, или воопшто било кој општина е повеќе или помалку безбедна за градење. Во колку објектите се проектираат, но и градат согласно техничките прописи и стандарди како и ако се реализирани современи теренски истражувања на самата локација , сите општини се подеднакво безбедни за градење и нема разлика дали се висококатници или објекти со помала катност, објаснува првиот човек на ИЗИИС.

Постојат вулкански и тектонски земјотреси

Генерално земјотресите се делат на вулкански и тектонски. Тектонските се оние кои се од посебен интерес и се најзастапени на територијата на нашата држава. Ослободената енергија во изворот на земјотресот (хипоцентарот) се шири низ земјата преку сеизмички бранови. Има повеќе типови на бранови , од кои сепак најзначајни се т.н. shear waves (S-wave), тоа се бранови кај кои честичките осцилираат нормално на правецот на ширење на бранот. Тие го претставуваат она хоризонтално движење за време на дејство на земјотресите кое е најнепријатно за луѓето , а воедно е и причина за најголемите оштетувања на објектите. Инаку во зависност од оддалеченоста како и од положбата во однос на хипоцентарот има повеќе типови на сеизмички бранови (трансверзални, лонгитудинални, површински , Rayleigh waves, Love waves ..), вели Шешов.

Б.М.

Слични содржини