Македонија и Албанија со чекор нанапред кон евроинтеграциите

од Vladimir Zorba

Европската комисија, денеска, го објави Извештајот за напредок на земјите од Западен Балкан и Турција. Македонија доби позитивна оценка и препорака за зaпочнување на преговорите со Европската унија.

Еврокомесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан изјави дека препораката се базира на направената длабока анализа, а ЕУ треба соодветно да одговори на тие напори.

Тој истакна дека политиката за проширување на ЕУ носи резултати, а земјите од Западен Балкан повторно ја потврдија својата европска иднина. Европската комисија, како што посочи, за тоа ги награди Македонија и Албанија со препорака за почнување на пристапните преговори.

Премиерот Заев повтори дека Владата останува фокусирана на реформите за остварување на како што рече следните заеднички остварувања. Истакна дека е оптимист дека во следните неколку недели може да се затвори и спорот со Грција.

„Имаме напредок во овој процес, возможно е во следните неколку недели да се најде решение, ние сакаме тоа да се случи пред самитот на ЕУ . Но сепак најважно е да се реши овој проблем кој е децениски и веројатно последното отворено билатерално прашање на Македонија, притоа секако водејќи грижа за достоинството и идентитетот на двете страни,“ изјави Заев.

Албанија е уште една земја на Балканот која доби позитивна оцена од ЕК која препорача отварање на преговори.

Според, Кнут Флекенштајн, известувач на Европскиот парламент за Албанија: „Земјата е влезена во процес на сеопфатна реформа на своето судство и силно ги нагласува своите европски амбиции и го поттикнува напредокот и на другите клучни приоритети. Понатаму, искуството на Албанија со оваа реформа ќе биде корисно и за другите земји во регионот. Јас сметам на Европскиот совет во јуни за понатамошно приближување на процесот на пристапување на земјата. Ова ја обврзува Албанија да го задржи своето ниво на амбиција и да се справи со преостанатите задачи без понатамошно одложување”.

Србија затвара 2 поглавја од вкупно 12. Бележи подобрување во исполнувањето на европските критериуми, но сепак треба да работи во подобрување на владеењето на правото, како и унапредување на дијалогот со Косово.

Европската комисија во Извештајот за напредокот на Црна Гора во предпристапните преговори со Европска унија наведува дека отворени се 30, а привремено се затворени три поглавија. ЕК наведува дека понатамошното напредување на Црна Гора ќе зависи од постигнување на видливи резултати во слободата на изразување и медиумите, борбата против корупцијата и организираниот криминал. Во Извештајопт се наведува дека Црна Гора продолжува да остварува напредок во правна и институционална рамка, но практичното влијание на реформите се уште не е доволно видливо, а исто така нема напредок во областа на слободата на изразување. ЕК препорачува и дека правосудниот систем на Црна Гора треба да покаже повеќе резултати.

„Напредокот во поглавијата на владеење на правото, демонстриран со видливи резултати, посебно во зајакнување на слободата на изразување и медиумите, како и докази во борбата против корупцијата и организираниот криминал, перењето на пари и трговијата со луѓе и натаму ќе го одредуваат темпото на пристапните преговори“, се наведува во Извештајот.

ЕК истакнува дека забележан е напредок во законодавството поврзано со јавниот сектор, напредок во зајакнување на макроекономската и финансиската стабилност и почетокот на примена на среднорочна стратегија за фискална консолидација. Но, во Извештајот се предупредува дека јавниот долг е висок и постојано расте.

Косовскиот Претседател, Хашим Тачи, по објавениот извештај на Европската комисија, изјави дека Косово е уморно од извештаи и бара конкретни одлуки, рече дека Европа треба да го третира Косово како другите земји.
„Го поздравувам извештајот со кој е утврден позитивен напредок кога е во прашање условот за добивање на либерализација на визите, поради што очекувам овој процес да заврши што побргу“, наведува косовскиот претседател и додаде дека Косово има доволна политичка желба за продолжување на процесите на интеграција во ЕУ.

Во документот за наредокот на БиХ кон ЕУ се посочува дека политичките лидери на Босна и Херцеговина мора да преземат одговорност и да покажат подготвеност за компромиси, пред се околу измените на изборната рамка, што би се обезбедиле правилна организација и спроведување на изборите во октомври.Според ЕК, и покрај одреден напредок во сферата на правосудството, одредени членови од Уставот на БиХ и натаму се спротивни на Европската конвенција за човекови права, посебно во делот на правата на припадниците на малцинските етнички заедници.  ЕК нотира измени на Законот за избори , како би се овозможиле транспарентни избори во октомври 2018-та година.

Европската комисија во Извештајот за напредокот на Турција во процесот на евроинтеграција наведува дека земјата не постигнала напредок и оти дури брзо се движи назад. Во Извештајот се посочува дека Турција и понатаму ја ограничува слободата на политичките опоненти и медиуми, а нема постиигнато напредок во борбарта против корупцијата. Турција е критикувана и поради големи недостатоци во областа на владеењето на правото, човековите права и слободата на изразување. Брисел бара од Анкара и укинување на вонредната состојба, што е воведена по неуспешниот државен удар во јули 2016 година. ЕК предупредува дека годините на напредок во исполнување на европските стандарди во сферата на човековите права, слободата на изразување и владеењето на правото се изгубени и оти е забележано ослабнување на демократијата во Турција, додека се зголемуваат ингеренциите на претседателот.

– Турција продолжува да се оддалечува од ЕУ со големи чекори, посебно во сферата на владеење на правото и фундаменталните права, изјави еврокомесарот Јоханес Хан по претставувањето на Извештајот. Турција ги почна преговорите за членство во ЕУ во 2005 година, но тие стагнираат последните години.

Слични содржини