Македонија се прости од маестро Џамбазов: Беше мирен господин кој предизвикуваше насмевка кај луѓето

од Берта Китинска

Ја чувствувам љубовта што ја имате кон вашиот омилен маестро, вашиот чичко Ацо, вашиот Џамбаз. Тања, јас и целото семејство ви ветуваме дека истата оваа количина љубов ќе ја земеме сега со нас и ќе ја пренесеме во неговиот вечен дом, кажа денеска Игор Џамбазов на комеморацијата во чест на својот татко диригентот и композитор Александар Џамбазов, кој почина на 25 јануари, на 85-годишна возраст.

-Денес тоа ќе го направиме само во најблискиот круг на семејството, а вие уште од попладне ќе можете да му оддадете последна почит на еден благодарен човек, на еден кроток, мирен господин, на еден човек кој кога ќе му го споменевте името настрана, прво што предизвикуваше кај луѓето беше насмевка. Човек кој цел живот беше во сенка на други, а всушност е најголем во нашето семејство. Прво викаше што сум јас, цел живот бев зет на Петре, па маж на Анче, па татко на Тања и Игор – што сум јас? Сега ќе ти кажам – ти си маестро – рече Игор.

Александар Џамбазов иако е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина, Србија, целото детство го поминал во Штип и во Скопје каде стекнува основно и средно музичко образование. Дипломирал во 1960 година на Музичката академија во Белград во класата на Марко Тајчевиќ. Целиот свој работен век го поминал во Македонската радио телевизија, најнапред како млад соработник во музичките редакции, а потоа како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар.

Тој е еден од иницијаторите и основоположниците на Скопскиот фестивал на забавни мелодии и на Фестивалот на детски песни „Златно славејче“ на кој го доби и прекарот „чичко Ацо“. Освен во популарните жанрови, во кој има бројни забавни мелодии и детски песни, во творечкиот опус на Џамбазов има дела од класичната музика, оркестарски, хорски и камерни творби, творби за бас и пијано, музика за филм и театарски претстави. За својата музичка дејност е добитник на голем бројни највисоки државни и стручни награди, а неговото дело Рапсодија за пијано и симфониски оркестар има добиено награда на Меѓународниот конкурс во Италија.

Слични содржини