„Македонијалек“ под лупа – вонредна контрола за вакцините, Филипче смирува тие се исправни и квалитетни

од desk4

На „Македонијалек“ и се заканува клуч на врата. Министерот за здравство Венко Филипче ја разгледува опцијата на фармацевтската куќа да и ја одземе дозволата за увоз на лекови, бидејќи на вакцините имало погрешни декларации, односно постар датум, ако се утврди пропуст кој може да се спречи.

Сепак, Филипче уверува – вакцините против мали сипаници се исправни и квалитетни, со валиден рок на траење.

„Сите вакцини се со добар квалитет, сите се од оригиналниот производител од реномиран европски производител тоа е „Глаксо Смит Клајн“. Како министерство за здравство одговараме за квалитетот на вакцините понатаму за критериумите коишто ги објавуваме за време на нивната набавка и стоиме за тоа“, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Вакцини за морбили со постар датум на траење имало во поликлиниката Железничар во болниците во Демир Хисар, Велес и во Свети Николе.

Заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска – Мустафа во „Студио 1“, вели дека родителите не се доволно информирани од институциите какви права имаат нивните дечиња околу вакцинацијата и кои се последиците.

„Уште пред 4 години укажавме на надлежните министерства дека е потребно да преземат мерки, како од правен аспект, за да ги усогласат правните прописи од аспект на најдобар интерес на детето, да се знае што е право, што е обврска и тоа да биде уредено во сите закони подеднакво, зашто ако го гледате законот за здравствена заштита на населението, ќе видите дека таму вакцинацијата е задолжителна. Од друга страна, ако го гледате законот за основно образование и таму ќе видите задолжителна норма која укажува на запишување на деца во образование врз основа на имунитетниот статус“, изјави заменик омбудсманот Васка Бајрамовска – Мустафа во Отвореното „Студио 1“.

Моментално, има 11 пациенти со сипаници на болничко лекување. Четири дечиња биле пуштени дома, но има нови четири случаи на морбили. 18 месечно бебе кое одело во градинка во Чаир, четиригодишно дете од скопската населба Јане Санданси, двајца возрасни од 28 и од 30 години, тројца од нив не биле вакцинирани, а еден од возрасните ги добил само дел од вакцините.

Слични содржини