Македонската Џудо федерација: Згрозени сме од информациите, очекуваме брзо разрешување на случајот

од Берта Китинска

Во врска со последните случувања поврзани со обвинувањата за злоставување малолетнички од тренер по џудо, згрозени сме од информациите во јавноста и очекуваме брзо разрешување на случајот, реагираат од Македонската Џудо федерација.

-Веруваме дека истрагата целосно ќе го расветли случајот за што како Федерација сме целосно на располагање на истражните органи.

Посочениот тренер одамна не е член на федерацијата и уште минатата година беше дел од дисциплинска постапка поради злоупотреба на официјален документ испратен од Светската Џудо Федерација како и поради прекршување и непочитување на Статутот и други мерки и протоколи. Поради оваа дисциплинска постапка, одземена му е лиценцата за тренер по џудо и исфрлен е од Џудо федерацијата на Македонија, за што официјално беа известени сите надлежни институции вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт, велат од Македонската Џудо федерација.

Денеска од прилепското основно јавно обвинителство беше соопштено дека е поведена постапка против маж на возраст од 46 години, за кој постои сомнение дека сторил продолжено кривично дело  обљуба со злоупотреба на положбата.

Како што се наведува во соопштението, осомничениот како тренер по џудо од април до ноември минатата година, во Прилеп и на други места, заради задоволување на полови страсти, со злоупотреба на својата положба извршил полови дејствија врз малолетнички (на возраст на или над 14 години) кои му биле доверени како ученички заради тренирање и воспитување.

За 46-годишникот определен е притвор во траење до 30 дена.​

Слични содржини