Македонски државјанин сакал да се бори на руска страна на фронтот во Украина за плата од 3000 евра

од Nikola Popovski
44 прегледи

Македонски државјанин сакал да се бори на руска страна на фронтот во Украина, информираат од МВР. Поднесена му е кривична пријава за сторено кривично дело „Учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“.

Кривичнопријавениот, Ј.К. откако претходно се запознал со пропаганден материјал со повик за служење во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации за потребите на Руската Федерација, преку интернет платформа за комуникација стапил во контакт со НН машко лице кое му се претставило дека бил задолжен од страна на Руската војска да регрутира војници за служба во руската војска за паричен надоместок од 3.000 евра. Искажувајќи подготвеност за приклучување  на новоформиран одред во рамки на руската армија наменет за борба на воените фронтови во Украина, пријавениот на 05.10.2024 година од Меѓународен аеродром Скопје преку Белград заминал во Москва, Руската Федерација.

По добиено сознание дека Ј.К на 11.10.2024 г. ќе се врати во РСМ, преземени се оперативно тактички мерки и по негово пристигнување на Меѓународен аеродром Скопје извршен е разговор со истиот, во кој го појаснил начинот на кој заминал во Руската Федерација каде што престојувал една недела во обид да се вработи како војник во Руската војска. Откако пристигнал во Москва бил сместeн заедно со уште три лица странски државјани и при тоа бил известен дека треба да го даде пасошот за да биде средена документацијата, а по извршен медицински преглед ќе потпишел договор за работа во Руската војска и ќе бил однесен во камп за обука каде ќе се обучувал за борба во Украина.

Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка, на 29.11.2024 година извршен е претрес во дом и други простории кај лицето Ј.К, кој е лишен од слобода и изнесен пред Судија на претходна постапка, од чија страна му е одредена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

Последните податоци од руското Министерство за надворешни работи, објавени во март годинава, покажаа дека 90 македонски државјани се пријавиле да се борат на украинска страна. 30-мина од нив наводно веќе биле убиени.

Според табелата објавена од руското Министерство, најмногу платеници се од Полска (2960). Убиени се 1497. Што се однесува до Европа, следуваат Велика Британија, Романија и Хрватска.

Официјална потврда за тоа дека македонски државјани се борат на руско-украинските фронтови нема. Независно дали станува збор за платеници или не, македонските институции тврдат дека досега не добиле ниту еден податок или информација за Македонец што се борел на едната или другата страна.

Според Кривичниот законик, тој што спротивно на закон создава, организира, регрутира, превезува, организира превоз, опремува, обучува или на друг начин подготвува лице или група за учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи или поединечно, надвор од територијата на РСМ, ќе се казни со затвор од најмалку пет години (членот 322 – а). Според истиот член, македонски државјанин што учествува или се обучува од страна на странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организира групи или поединечно, надвор од територијата на земјата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. И тој што повикува или врбува или поттикнува друг на извршување на делата ќе се казни со затвор од најмалку четири години. Овие законски решенија важат и за легионерите што би заминале во Украина.

Слични содржини