Македонски концепт: Граѓаните на Македонија се уште треба да се изборат за нормалност во државата и за демократија

од Берта Китинска

Честитки на граѓаните на Република Македонија за учеството на предвремените парламентарни избори 2020 година. Благодариме на сите вас, кои ја дадовте и не ја дадовте вашата поддршка за нашите граѓански листи. Сите заедно да продолжиме да се бориме за европската иднина на нашата Македонија, велат од Македонски концепт.

Оттаму  додаваат дека иднината на партијата е во опозиционо дејствување во насока на организирање широка кредибилна опозициона понуда, со цел силен коректив на старо – новата Влада.

„Од нас ќе ја имаат полната поддршка за интеграциските процеси во ЕУ, но и кредибилна критика на сето она кое не е во насока на државниот интерес на нашата држава.

Македонија и граѓаните на Македонија се уште треба да се изборат за нормалност во државата и за демократија, каде секој со секого ќе биде еднаков и ќе има еднаква можност да се докаже. Се уште живееме во контролирана демократија и тоа го потврдуваат и резултатите од вчерашното гласање.

Мноштвото од нашите гласови се во неважечките ливчиња, благодарение на соработката на господин Зоран Заев и господин Христијан Мицкоски, да не дозволат по никоја цена факторизација на нормална политичка опција во земјата, без разлика на тоа кој од нив двајца ќе биде победник. За истото, од наша страна до ДИК е поднесен приговор бр. УП110-82 од 16.07.2020 година, со кој бараме увид во сите неважечки ливчиња, со цел да ја констатираме голата вистина за изборни манипулации на овие избори. Во очекување на одговор од ДИК, без голема надеж за праведна одлука од нивна страна, истакнуваме дека сме наполно свесни дека ние живееме во контролирана демократија, во која партиите одлучуваат кој ќе победи, а не ние граѓаните!

Им честитаме на сите нови членови на Собранието на Република Македонија, им посакуваме успешна работа, со желба да бидат вистински коректив на извршната власт.

Македонија гласаше за континуитет, за продолжување на она кое го живееме во последниве 30 години. Од тука, им честитаме на победниците од коалицијата „Можеме“, особено на ДУИ, кои се најголеми победници на овие избори. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ изгубија огромен број гласови, но останаа да бидат носители на изборната волја на граѓаните.Ви благодариме за честа да бидеме дел од овие историски моменти за Македонија!

Продолжуваме одлучно по патот по кој тргнавме, кон фер општество и држава во која сите ние сме Македонци!“, велат од партијата.

Слични содржини