Македонски концепт со проекти за младите: Крајната цел на нашето дејствување е Жива Македонија

од Vladimir Zorba

Македонски концепт со проекти за деловно просперирање на младите и за деполитизација на општествените дејности ќе ги задржува младите во земјава. Партнерство со младите и Закон за забрана на политичкото влијание во спортот се првите проекти со кои ќе се бориме за Македонија да биде единствениот избор на младите за градење иднина во земјава. Младите реагираат со бегање од државата, бегаат од корупцијата, социјалната неправда, сиромаштијата, невработеноста.

“Пред нас како држава е мисијата младите да ја гледаат истата шанса за успех тука, како и во развиениот цивилизиран свет. А тоа не е така лесна и едноставна задача во вакви услови. Затоа, Македонски концепт има свој предлог проект и предлог решение како да им помогне на младите кои што се охрабриле и кои што сакаат да основаат свој бизнис а тоа е проектот “Партнерство со младите”. Потребно е да работиме на тоа да претприемништвото кај младите биде врвна вредност, затоа што младите со тоа и возвраќаат на државата преку создавање на нова генерација. Младите не бараaт ништо повеќе и ништо посебно, туку само фер шанса и можност да бидат свои”, појасни Љупчо Божиновски, кандидат за пратеник на Македонски концепт во ИЕ 3.

Со овој проект државата инвестира во бизнис идеи на млади до 35 години, а инвестицијата си ја враќа преку заработка во бизнисот, без никакви камати. Инвестицициите ќе бидат удели во таквите старт ап компании и по одреден временски период, државата го продава уделот. Процесот ќе се одвива преку деловни/технолошки инкубатори кои ќе го следат овој процес со целосна логистика. Со тоа ќе раководи професионална компанија, без административна бирократија, а контролата на успешноста на реализацијата на бизнис планот, ќе ја прават ревизорски и сметководствени бироа, специјално овластени за таа намена.

Друг проект на Македонски концепт насочен кон задржување на младите е „Политиката во втор план”. Една од причините за младите да заминат е политиката, зашто се угушени во оваа држава од политиката. Немаат слобода, простор каде да живеат, а политиката да не им го одзема. Прв услов како до нормална држава е политиката да биде во втор план. Прво слобода и здравје, па после политика.

„Проектот „Политиката во втор план“ започнува со Закон за забрана на политичкото влијание во спортот. Македонски концепт ќе се залага да се донесе овој Закон затоа што треба да градиме култ на спортови, а не култ на политичари. Спортот треба да биде на пиедесталот на општеството. Спортистите треба да бидат славните јунаци на македонската нација, а не политичарите. Со овој закон ниту политичарите ќе може да се замешаат во спорот, ниту пак спортистите ќе може да бидат политички активни, се до оној момент додека се професионални спортисти. АМС ќе води посебен регистар на лица со статус – професионален спортист, по што ќе следуваат бенефиции од државата, но и ограничувања во политиката”, истакна Божиновски.

Со ваков закон и пристап добиваме индивидуални, но и општествени придобивки. Досега никоја не водел сметка за младите, никој не се грижи што нема ни веродостоен податок за тоа колку работоспособни, образовани, квалитетни млади луѓе засекогаш заминале. Неофицијалните проценки се дека во изминатите дваесетина години земјата ја напуштиле помеѓу 450 и 600 илјади луѓе.

„Крајната цел на нашето дејствување е Жива Македонија. Доколку во оваа држава не живеат млади, доколку не егзистираат среќни и просперитетни семејства, доколку наталитетот не го победи морталитетот, ние ништо не сме направиле. Тоа е Жива Македонија, држава на среќни, насмеани, полни со оптимизам граѓани, кои не планираат да ја напуштат државата, туку да останат дома и да се изборат за просперитет на сите нас”, заклучи Божиновски.

Затоа, политиката во втор план. Повеќе квалитет на животот, слобода, професија и спорт, помалку политика. Мораме да го деполитизираме македонското општество.
Тоа е нормална држава, кон тоа се стремите како политичка платформа. Да создадеме заедно нормална држава. Дадената поддршка за бројот 10 е глас даден за вас, за нормална држава во која и младите ќе сакаат да живеат и ќе имаат можности да создадат нормален живот.

Слични содржини