Македонскиот новинар Христо Ивановски и дипломатот Драган Јањатов се најдоа на црната листа од безмалку 400 дипломати, новинари и политичари која ја потпиша украинскиот претседател Петро Порошенко. Листата содржи имиња на над 40 новинари и блогери, вклучително и новинари вработени во Би-би-си, Ел Паис, Дие Цајт и други медиуми од САД, Франција, Британија, Грција, Шпанија, Полска и други држави, на кои Украина им воведе санкции.

9A49C00099BBF544A889617F020E7BE9

Стотина компании исто така се најдоа на листата. Санкциите подразбираат забрана за патување во Украина, а во случајот на компаниите и санкции за нивниот бизнис, со траење од една година. Потегот на украинскиот претседател наиде на критики од меѓународни организации за заштита на слободата на изразување, како Комитетот за заштита на новинарите, кој оцени дека дури и ако украинската Влада не се согласува со начинот на известување на некои од новинарите и блогерите на листата, не смее да ги прогласува за закана за националната безбедност.

Христо Ивановски, уредник во Дневник, е наведен на 58-ото место на црната листа. – Не бев информиран од страна на Украина или украинската амбасада за оваа одлука. Искрено, не ме изненадува дека Украина подготвила ваква листа. За мене тоа е очекувано и е во согласност со постапките на режимот кој е на власт во Украина, да реагира на ваков начин. Добро би било да се потсетиме кои режими во историјата правеле вакви црни листи. Тоа е мојот одговор на веста дека Украина ме ставила на црна листа, изјави Ивановски за МИА.

Образложенијата за лицата кои се ставени на листата во голема мерка се идентични, без конкретни детали кои би навеле со што тие предизвикале Украина да им стави санкции, туку со општи оценки дека претставуваат закана за националните интереси, суверенитетот и интегритетот на Украина, но дури и дека промовираат терористички активности и окупација.

Интересно е што и вториот Македонец на листата, кој се соочува со санкции, Драган Јањатов, е наведен како новинар на весникот Дневник. Всушност, Јањатов не е новинар туку е дипломат од кариера и автор на книги за односот на руската дипломатија кон балканските земји. /МИА

Слични содржини