Македонскиот текстилен сектор спас гледа во работниците од Блискиот исток

од Vladimir Zorba

За најголем дел од производителите, особено оние во текстилната индустрија, најавата за отворање на вратите за увоз на странски работници  е сериозен сигнал дека конечно ќе го добијат долго посакуваниот појас за спасување. Мерката, според нив, се носи во последен час бидејќи Македонија веќе нема доволен број работници кои би го движеле напред производството, а со тоа и вкупната економија.

Маријана Перковска- претседател на текстилниот кластер за „Локално“ алармира дека нашите млади луѓе се исселуват или пак работат за време на туристичките сезони во Грција, Италија или Хрватска…секаде кадешто можат, само не во Македонија. Последиците ги трпат сите сектори, а особено текстилниот. Оттука вели таа, странските работници би биле едноставен излез.

„Обично доаѓаат од  земји од далечниот исток- Малезија, Индонезија, каде што релативно сеуште е понизок стандардот. Секако дека повеќе би работеле во Германија каде што се поголеми платите, но во моментов, за оваа држава, поради низа причини посоодветен извор за работна сила е Балканот“, вели Перковска.

Платите како суштествен мотив ги коментира и Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи. И покрај сите дилеми, македонските примања според него сепак би биле причина за доаѓање на работници од некои од посиромашните земји.

„Тие сигурно ке бидат интересни за странците, затоа што просечната месечна плата, на пр. во Бангладеш изнесува 240 ЕУР, а нашата минимална плата од март ке изнесува 330 ЕУР . Од друга страна ние имаме многу подобра инфраструктура и повисока социјална заштита на вработените од земјите на далечниот исток“, изјави Димитров за „Локално“.

Потсетува дека  Македонија, за разлика од многу држави, се уште има строга и нефлексибилна политика за вработување на странци, која предвидува годишни квоти кои ги донесува Владата и строга процедура преку МВР и АВРМ. Во оваа насока, ја нагласува потребата од либерализација на овие постапки и драстично зголемување на квотите.

Либерализацијата на пазарот сепак не смее да подразбере отсуство на контрола. Според стопанствениците, целиот процес ќе треба да биде под капа на државата, односно треба да се врши селекција на оние што ќе дојдат, да се воведат прегледи… итн. Не може, вели Перковска, само да се отворат вратите бидејќи тие луѓе доаѓаат од разни поднебја, па можно е да се направат повеќе проблеми од бенефит. Како еден од примарните услови, таа ја посочува потребата од измена на Законот за работни односи.

„Кој ќе дојде да работи во услови на 40 часовна работна недела?. Зарем мислите дека нашите кога одат во Германија работат 8 часа или дека живеат сами во станови? Се знае дека се сместени во заеднички простории, работат по 12 часа, работните договори им се врз база на работен час и  можат да работат колку сакаат.Никој не би дошол за 400-500 евра плата  кај нас ,да се одмара и да има социјален живот. Доаѓаат за период од 2 -3 години изработувајќи максимален број работни часови и си заминуваат“, вели Перковска.

Како подеднакво важен аспект го истакнува и делот со пензиското осигурување. Нашите компании според неа би биле ослободени од оваа обврска бидејќи Македонија нема ваков тип договори со тие држави. На овој начин останува само здравственото, а остатокот  би го добил работникот со што се покачува неговата плата.

Евентуалното оставање на работите на ниво на сегашната ситуација во која производството “мака мачи’’ во обидите да привлече работници, според стопанствениците може да предизвика пад на економијата, проблеми во прибирањето на даноците и придонесите и крах на фондовите за пензиско и здравствено осигурување. Потсетуваат дека на овие последици алармирале континуирано во текот на изминатата декада, но дека реакцијата на надлежните институции била „ноншалантна“, со одговор дека сите држави се соочуваат со овој проблем.

„Тоа е точно, вели Перковска,  но тој проблем  е решлив за земјите кои имаат пари“.

Како дијаметрално поинаква ситуација ја посочува нашата, во која еден од суштествените проблеми е  малата продуктивност, односно ниските критериуми кои се логична последица на актуелните услови во кои побарувачката е поголема  од понудата. Оттука, стопанствениците се категорочни дека еден од следните чекори што ќе мора да се превземат  во насока на спас за македонската економија ќе мора да биде отворањето на вратите за странските работници.

„За оваа тема потребно е да се води јавна расправа и опшеството да се подготви за неопходноста од такви промени“, заклучува Димитров.

К.В.С.

Слични содржини