Македонските граѓани ќе почекаат за влез во Грција

од Nikola Popovski

Грчката Влада ја продолжи до 26 април 2021 година министерската одлука за копнените граници и забраната за влез на државјани за трети земји, што значи македонските граѓани нема да можат да влезат во територијата на јужниот сосед, барем уште една недела.

Првиот член од министерската одлука се однесува на копнените граници на Грција, односно на привременото ограничување на сите копнени (патните и железничките) поврзувања од и кон земјата „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19, како и забрана за влез на лица преку наведените поврзувања, освен ако исполнуваат конкретни предуслови”.

За граничниот премин Евозни (Богородица) кон Северна Македонија, како и Какавиас кон Албанија не постојат промени, односно ќе работат од 7 до 19 часот по локално време, дозволен е влез само за одредени категории, со потврда за претходно направен негативен ПЦР тест и со негативен резултат од брзиот тест на самиот граничен премин направен од грчките власти, дневно дозволено е во Грција да влезат најмногу 400 лица, додека пак задолжителен е домашен карантин од 14 дена, објави МИА.

Исклучок, како и досега се државјаните на земјите членки на Европската унија и Шенген зоната и државјаните на Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја, Тајланд,  Велика Британија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Руанда, Сингапур и Израел, а од денеска на оваа листа е и Србија.

Летната сезона во Грција започнува кон средината на мај.

Слични содржини