Македонските ракометари со осум голови предност ќе патуваат во Романија

од Vladimir Zorba

  Македонската ракометна репрезентација ја победи Романија со 32:24 во првиот дуел од баражот за Светското првенство 2019 година во Германија и Данска.

Натпреварот лошо почна за Македонија со водство на гостите од 2:0. Потоа следуваше серија на „црвено-жолтите“ од 6:0 и водство од четири гола разлика во 12.минута. Во првиот дел Имаше Македонија и плус 7, Романците најблиску стигнаа до минус три, з ана полувреме да се отиде со 15:10.

Првите десетина минути од вториот дел поминаа во игра гол-за-гол, а потоа Македонците почнаа да го „торпедираат“ противничкиот гол во серија за првпат двоцифрена предност (24:14) во 43.минута. Во последните десет минути се влезе со резултат 26:18 за нашите ракометари. Истата разлика беше и на една минута пред крајот (32:24).

Еден од најзаслужните за триумфот на македонските ракометари беше Борко Ристовски со 14 одбрани. Најефикасни со по седум гола беа капитенот Кирил Лазаров и Дејан Манасков.

Македонија „брка“ шесто учество на Мундијалите и петто во серија, додека Романците апстинираат од СП уште од 2011 година.

Реваншот ќе се игра в среда во Клуж.

Слични содржини