Македонско-германски форум: Северна Македонија е во срцето на Европа и тука природно припаѓа

од Hristina Nikolovska

На Северна Македонија местото и е во Европската унија, затоа што таа се наоаѓа во срцето на Европа и тука природно припаѓа. Членството во Унијата е добро и за земјата, но е и во интерес на ЕУ. Затоа треба да се продолжи на истиот пат, да се засилат реформите и така да се убедат и оние кои мислат дека местото на земјата не е во Унијата. Во спротивно, неприфаќањето на земјата во ЕУ, значи оставање поле за дејствување на туѓи моќници.

Ова се дел од пораките на учесниците кои се обратија на отворањето на Третиот Македонско-германски форум: „Перспективите за проширување по Европскиот совет? Улогата на Собранието во пристапниот процес на Севeрна Македонија и релациите со Европскиот парламент” што се одржува денеска во Скопје.

– Шокот од Брисел можеби е повик за будење на политичарите, за тие сега да делуваат и уште повеќе да креираат добри политики кои ќе помогнат во решавање на проблемите на граѓаните особено во делот на образонванието, здравството и правосудството, рече претседателката на организацијата на жените на Европската народна партија (ЕПП Жени), Дорис Пак.

Таа смета дека ЕУ не смее да си дозволи во земјава и во цела ЈИЕ да остави простор и поле за игра на туѓи моќници. Од интерес на ЕУ, вели таа, е да го исполни своето ветување.

– Тоа не е проширување, туку опфаќање и прифаќање на оние кои веќе и онака се сред Европа. Тоа треба нам да ни биде јасно и ние на нашите гласачи дома да им објасниме, рече Пак.

Јохаес Д. Раи од Фондацијата „Конрад Аденауер“ смета дека негативниот одговор за почетокот на преговорите не може и не смее да ја фрустрира земјата.

– Кризата некогаш е продуктивна состојба едноставно само треба да го загубиме чувството дека тоа е катастрофално. Сите знаеме дека во секоја криза се крие и шанса. Мора само да ги научиме вистинските лекции и заклучоци, рече тој.

Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих како причина за недоделувањето датум за почеток на преговори не ја гледа Северна Македонија. Одлуката, вели тој, е поради расположението на граѓаните во земјите на ЕУ, кои потоа на таков начин ги принудуваат нивните лидери да повелкуваат вакви потези.

– Убедени сме дека се исплати на Северна Македонија да и се даде европска перспектива. Германија и натаму ќе ја поддржува Северна Македонија на пат кон ЕУ, како и досега. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги интензивира своите реформи и со тоа ќе ги разубеди сите оние кои можеби сметаат дека на земјата не и е местото во ЕУ, рече тој.

Попретседателот на Собранието и пратеник Горан Мисовски истакна дека нема да се дозволи во земјава да надвладее песимизмот по негативната одлука од Самитот во Брисел.

– Нашиот пат останува непроменет. Нема друга алтернатива освен интеграцијата во европското семејство каде вистински припаѓаме. Затоа нашите заложби и секојдневна работа ќе продолжат во истата насока. Наша должност е да обезбедиме безбеднам силна и стабилна држава во која сите ќе живеат добро, рече Мисовски.

Третиот Македонско-германски форум: „Перспективите за проширување по Европскиот совет? Улогата на Собранието во пристапниот процес на Севeрна Македонија и релациите со Европскиот парламент” е во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Институт за Демократија „Социетас цивилис“ – Скопје.

Слични содржини